По долго и тешко боледување, на 56-годишна возраст почина Вики Икономова, сопругата на Апостол Поце Икономов, пејачот на легендарниот македонски бенд „Меморија“.
Тажната вест на социјалните мрежи вчера ја соопшти основачот и лидер на бендот, Петар Георгиевски-Камиказа.
„Вечнаја памjат, мир и спокој да најдеш, горе меѓу звездите, Вики Икономова. Поце те сакаше повеќе од сѐ, дури и од самиот себе! Во 10-годишната здравствена голгота, ниеднаш не покажа слабост во траорната битка барајќи ‘иљач’ за твојата болест. Ја носеше подеднакво храбро и доблесно, како човек кој искрено љуби и се бореше до последниот твој здив. Денес во 14 часот престана да чука срцето на Вики. Друже Поце, искрено сочуство. Секоја песна и тон со твојот ангелски глас, испеани на нашите концерти на неа ѝ ги беше посветил. Затоа концертите беа посебни“, напиша Перо Камиказа објавувајќи го датумот и часот на нејзиното последно испраќање.