Повеќе жени го обвинија американскиот илузионист Дејвид Коперфилд за сексуална злоупотреба. Настаните се случувале во распон од неколку десетлетија, објави британски „Гардијан“.
Од 16 жени, некои биле и помлади од 18 години кога наводно се случило она што го тврдат. Коперфилд беше обвинет за недолично однесување и во 2018 година, кога жена по име Бритни Луис тврдеше дека тој ја дрогирал и сексуално ја нападнал три децении претходно. Натаму, три жени тврдат дека Коперфилд ги дрогирал пред секс. Настаните, според можните жртви, го опфаќаат периодот од доцните 1980-ти до 2014 година.
Коперфилд (67) одрекува каква било злоупотреба и се брани дека „никогаш не постапувал несоодветно кон никого, а не пак, кон малолетник“, нагласуваат неговите адвокати.
Коперфилд претходно беше „под лупа“ и поради неговите врски со обвинетиот сексуален подведувач Џефри Епстин, кој почина во затвор во 2019 година.
„Нашиот клиент не беше свесен за грозоморните злосторства на Епстин… Како и остатокот од светот, и тој дозна за тоа од печатот“, тврдат адвокатите на Коперфилд.
Друга жена, која доби псевдоним во печатот, сведочи дека го запознала илузионистот по еден негов настап, кога имала 15 години. Таа раскажува дека следниве години, тој ѝ се јавувал доцна во ноќта и ѝ испраќал подароци, а кога наполнила 18 години, вели, двајцата имале консензуални односи. (МИА)