Американската телевизиска водителка Опра Винфри и холивудскиот актер Рајан Рејнолдс ќе присуствуваат на два големи настани во Букурешт оваа есен. Винфри ќе настапи на првиот бизнис-самит „Брeнд мајндс“ (Brand Minds) што ќе се оддржи на 16 и 17 септември во романскиот главен град, како еден од најважните бизнис-собири во Централна и Источна Европа, на кој ќе се појават околу 5.000 учесници од 50 земји.
„Вториот е планиран за 29 и 30 септември, Импакт Букурешт“ (Impact Bucharest), бизнис-технолошкиот настан на кој Рејнолдс ќе биде главен говорник кој собира лидери и иноватори од бизнисот, технологијата и медиумите и на него ќе учествуваат 2.000 луѓе, вклучително и од Бугарија“, соопштија организаторите.
За време на настапот, Винфри ќе зборува за водителството и инспирирањето на тимот во тешки времиња, теми за кои стана светски позната преку своето ток-шоу што се емитуваше 25 години и со огромно влијание врз медиумската индустрија. Таа е првата Афроамериканка со сопствена продукциска компанија, добитничка на повеќе „Еми“ награди и номинирана за „Оскар“ за улогата во филмот „Пурпурна боја“ од режисерот Стивен Спилберг. Во 1996 Винфри го основа читателскиот клуб „Опра“, преку кој имаше огромно влијание врз издавачкиот пазар, и ја создаде „Мрежата на ангели на Опра“, финансирајќи светски добротворни проекти, за кои добила бројни признанија, а нејзиното богатство се проценува на околу 3 милијарди долари.
Рејнолдс е и продуцент на серијалот „Дедпул“, светски феномен кој преку хумор и самоиронија го редефинираше жанрот на суперхеројски филмови, и инвеститор во компании како „Авиејшн Американ џин“ (Aviation American Gin) и „Минт мобајл“ (Mint Mobile), коишто подоцна беа продадени за над милијарда долари. (МИА)