За проекцијата на филмот „Марија Калас писма и мемоари“, италијанската актерка Моника Белучи учествува на 64-от Меѓународен филмски фестивал во Солун, во чии рамки ќе биде наградена и со „Златен Александар“ за нејзиниот севкупен придонес во кинематографијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Белучи синоќа присуствуваше на премиерата на филмот на Том Волф и Јанис Димолицас, во кој во монолог чита извадоци од писмата на врвниот сопран Калас.
На црвениот тепих пред солунското кино беше пречекана од голем број фанови, додека пак пред проекцијата кусо рече дека Грција е длабоко во нејзиното срце.
-Многу сум среќна што сум тука. Ви благодарам за поканата. Како што сите знаете, Грција е длабоко длабоко длабоко во моето срце. Не сакам да кажам многу за филмот, ќе го откриете сами. Уживајте во скрингот, рече Белучи на синоќешната премиера.
Вечерва ќе биде прикажан филмот „Малена“ на Џузепе Торнаторе, со кој Белучи стана светски позната, а дополнително ќе ѝ биде доделена наградата „Златен Александар“ на Филмскиот фестивал во Солун.
Проекцијата на филмот „Марија Калас писма и мемоари“ е во рамките на одбележувањето на годината на Калас, по повод стогодишнината од раѓањето на сопранот. (МИА)