Екипата на интер ток шоуто „Ништо лично“ летово се дислоцираше од студиото, па фестивалскиот престој на годинешново 32-ро издание на фестивалот „Охрид фест“ во македонскиот бисер Охрид го искористи да се соочи „лице в лице“ и со првиот човек на фестивалот кој трае цели 32 години, најреномираниот, најнаградуваниот и најдолговечен македонски композитор Григор Копров.
А тој е еден од најпознатите и најдолговечни, но веројатно и најнаградуваниот македонски композитор. Човек кој напишал над 2.000 композиции и стои зад близу стотина големи хитови како од забавната така и од народната музика. И не само во Македонија, туку неговите песни наголемо се пејат и вртат и во регионот, а нив ги изведувале и големи музички ѕвезди, познати и популарни имиња, меѓу кои и најголемите… Кај нас Калиопи, Маја Оџаклиевска, Влатко Илиевски, Каролина Гочева, Владо Јаневски, Тоше Проески, Сенка и Зафир, Ана Костовска, Силви бенд, Марјан Стојановски, Андријана Јаневска и многумина други.
Во регионот од Мери Цетиниќ до Владо Калембер, Дадо Тоpиќ, па дури и едно „Бијело дугме“ единствената песна во кариерата што ја испеале на македонски на едно од првите изданија на Скопскиот фестивал, е негова… Тој е човекот кој три пати со свои песни ја претставувал Македонија на Изборот за песна на Евровизија со Не зори, зоро“ – првата македонска песна на Евровизија во 1998 година, компонирана од Копров со текст на Владо Јаневски, изведена од Владо Јаневски со која Македонија дебитираше на тој натпревар. Потоа „Мојот свет“ во 2007, изведена од Каролина Гочева и „Русинка“ – песна што Копров ја компонираше, а ја испеа Влатко Илиевски на Евровизија во 2011 година.
Напишал и грст народни хитови како „Дајте ми ја“, „Запри дожд“, „Во црно вино утеха нема“, „Ино моме веселино“, „Една ѕвезда, една солза“ – сите со препознатливи мелодии со народен дух што останаа незаборавни.
Добитник е на награди на сите можни фестивали и манифестации во Македонија, меѓу кои и на Макфест, Валандово, Цветници, Еврофест,Охрид фест, 12 Величествени, Златна бубамара на популарноста.
За кариерата која трае речиси шест децении, фестивалите, наградите, македонската музичка сцена, третманот на културата, мецените, спонзорите, за тоа зошто македонските пејачи со чесни исклучоци не успејаа да го освојат регионот, а Македонија е поплавена со увезен шунд, за Евровизија и (не)учеството на Македонија на оваа музичка манифестација, за авторските права, ЗАМП и нивната заштита, за новите таленти и старите мајстори, за културата, културната политика, односот на медиумите и државата кон естрадната сцена… И за уште многу други ништа кои нема да ги слушнете и дознаете никаде на друго место, ниту пак на нив нешто слично, освен во интер ток шоуто „Ништо лично“.
Вашиот домаќин Антонио Димитриевски и во ова издание разговараше со ексклузивен гостин, најпознатиот и најнаградуван македонски композитор Григор Копров, чија премиера одеше во среда, (10-ти септември, 2025 година), во 20.00 часот на YouTube каналот на КурирМК (@Kurir.podcast), каде доколку сте го пропуштиле можете секогаш и во секое време да го погледнете, како и сите претходни поткасти од серијалот „Ништо лично“.