Почина последниот крал на италијанската мода. Последниот член на „светото тројство“. По Версаче и неодамна Армани, од оваа земска писта се повлече и Валентино Гаравани.
Еден од најдолговечните и највлијателните креатори, вечен љубител на убавината, верен на ерата и начинот на живот „долче вита“ до последниот час, остава зад себе нешто што може да се дефинира само како – трајно богатство. Она што не е потрошено и кое вреди повеќе од милијарда и пол долари, што е вредноста на неговата империја.
Од своите почетоци во Рим кон крајот на педесеттите години, Валентино остана постојана референца за убавина, моќ и софистицираност. Неговото име е траен синоним за романтика, луксуз и прецизност, а неговата етикета ја бараа принцези, филмски диви и сите жени кои ја гледаат модата како израз на сопствениот идентитет, како свое второ јас. Доволно е да се каже дека една од првите познати личности што ги облече беше вечната икона на стилот Џеки Кенеди.
„Ми се допаѓа патината од прашина што го опкружува овој бренд. Прашината е скапоцена“, рече Алесандро Микеле кога ја презеде креативната палка на куќата во пролетта 2024 година по заминувањето на Пјерпаоло Пичоли.
Валентино Гаравани влезе во приказната со јасна визија: да ја сублимира и воздигне женственоста преку класично инспирирана елеганција. Од самиот почеток, неговата работа се карактеризираше со елитна софистицираност, благодарение на визуелниот јазик дефиниран со чисти линии, волумен, спектакуларен вез и маестрална употреба на боја, особено црвена, која остана негов заштитен знак.
Можете ли да замислите колку вреди империјата на Валентино? Милијарда и пол долари во овој момент. Тој беше задолжен за креативниот дел, а неговиот партнер Џанкарло Џамети беше „мастермајнд“. Тој толку добро разбираше како функционира пазарот што дизајнерот ги препушти сите конци нему. Не погреши. Сè произлезе од нивната лична „фабрика за соништа“: од луксузни тоалети што беа „шетани“ на доделувањето на Оскарите и други гламурозни настани, до сјајни чевли, чанти, парфеми и сè друго што носи профит во таа област.
Својата последна ревија за висока мода ја постави во Париз во 2008 година, а потоа се пензионираше. Оттогаш, брендот го управуваат катарската компанија „Мејхула за инвестиции“ (70%) и француската група „Керинг“ (30%, со опција за купување на остатокот до 2029 година).
Валентино живееше како стар европски аристократ. Тој беше голем естет, поддржувач на класиката и елеганцијата, и колку и да беше импресивна неговата креативност, неговото портфолио на недвижности беше толку извонредно. На листата, меѓу другото, се наоѓаат вила во Рим во близина на Шпанските Скали, куќа од 19 век во Лондон, пентхаус на Менхетен, замок од 17 век во близина на Париз, колиба во Гштад, во Швајцарските Алпи… Секоја резиденција ја уредувал на различен начин, а секоја имала посебна приказна и место во неговото срце. Колку вреди сето тоа? Вкупно – 350 милиони долари. Не сметајќи ги уметничките колекции, кои исто така страсно ги собирал.
Како докажан филантроп, тој оставил неколку значајни простори на Италија кои не му донеле профит, туку му ја исполниле душата. Меѓу другото, во 1990 година ја основал Академијата „Валентино“, културна институција во Рим посветена на одржување изложби и хуманитарни настани. Со културен капитал, кој не е нужно наменет за елитата, тој го зајакнал и угледот на брендот. Преку фондацијата што ја основал со Џамети, ја поддржал уметноста, образованието, зачувувањето на италијанското културно наследство и разни иницијативи поврзани со она што му била најблиска специјалност – модата и дизајнот. Иако не зборуваше за тоа, бидејќи неговата филантропија не беше гласна, тој даде десетици милиони долари во добротворни цели. Без публицитет.
Кој ќе го наследи огромното богатство?
Валентино, кој немаше деца, сигурно размислувал за тоа во претходните години. Џанкарло Џамети, неговиот доживотен деловен партнер, кој е најзаслужен за основањето на брендот, одигра централна улога во управувањето со имотот. Тие стекнаа сè заедно, а тој веројатно поседува барем половина од него.
Брус Хаксам, со кого го делеше животот речиси четири и пол децении, веројатно ќе добие голем дел од колачот. Почна како модел, а подоцна се искачи на позицијата потпретседател на куќата, а во меѓувреме го основа и луксузниот бренд VBH. Валентино имаше и сестра, Ванда, која исто така имаше високи позиции во компанијата. Таа почина во 1997 година, има два сина за кои се верува дека ќе бидат споменати во тестаментот. Сепак, деталите за наследството и распределбата на средствата засега не се достапни за јавноста.
Валентино Гаравани сигурно остава зад себе многу повеќе од банкарска сметка, која, без оглед на висината, никогаш не ја засенила креативноста на харизматичниот творец. А тоа е трајно богатство, кое не може да се мери со пари и злато, и кое не може да се потроши.