Познати Можеби едно од најголемите изненадувања

Ејми Медиган – новата легенда во „оскаровската“ хорор-историја (ВИДЕО)

-За мене, една од најубавите работи во целиот процес на снимање на „Момент на исчезнување“ беше да гледам како Ејми стои цврсто на земја, бриљира, а потоа и како луѓето реагираат. Тоа е навистина исполнувачко. Многу сум среќен за неа. Без разлика дали ќе победи или не, тоа е некако неважно за мене. Воодушевен сум што е призната за нешто извонредно, изјави режисерот Зак Крегер.

Ејми Медиган – новата легенда во „оскаровската“ хорор-историја (ВИДЕО)

Можеби едно од најголемите изненадувања на сезоната на доделување награди во 2026 година е номинацијата на 75-годишната Ејми Медиган за „Оскар“ за најдобра споредна женска улога за нејзината улога во „Момент на исчезнување“ (Weapons), пишува „Консеквенс“ (Consequence). Таа, инаку, зад себе има вкупно 90 филмски и ТВ-улоги, а сега има можност да стане една од највозрасните глумици кои ја освоиле најпрестижната филмска златна статуетка.

Почеста, сепак, не е неочекувана, велат критичарите, со оглед на квалитетот на нејзината работа и кариерата. Медиган, имено, и претходно беше номинирана за споредна женска улога – за филмот „Двапати во животот“ од 1985 година, па „Златен глобус“ за својата споредна улога во ТВ-серијата „Ро против Вејд“, како и околу 80 други награди и номинации. Сепак, новиот лик на негативка, се чини, е нејзината најзначајна улога од последниве години.

-За мене, една од најубавите работи во целиот процес на снимање на „Момент на исчезнување“ беше да гледам како Ејми стои цврсто на земја, бриљира, а потоа и како луѓето реагираат. Тоа е навистина исполнувачко. Многу сум среќен за неа. Без разлика дали ќе победи или не, тоа е некако неважно за мене. Воодушевен сум што е призната за нешто извонредно, изјави режисерот Зак Крегер.

Низ речиси еден век долгата историја на „Оскарите“, хорор-филмовите најчесто освојувале награди во техничките категории: „Егзорцист“ од 1973 година победи за адаптирано сценарио и звук, додека „Мува“ од 1986. – го доби признанието за шминка. Примери за номинирани и добитници за глума во хорор се поретки: Фредерик Марч беше првиот глумец кој победи во овој жанр за неговата улога во „Д-р Џекил и г-н Хајд“ во 1931 година, а Рут Гордон беше првата актерка која триумфираше благодарение на нејзината морничава улога во „Бебето на Розмари“ во 1968 година.

Во оваа смисла, вреди да се споменат и Кејти Бејтс со „оскаровската“ улога во „Мизери“ од 1990 година, како и „Кога јагнињата ќе стивнат“ од 1991., којшто ги освои статуетките за најдобар филм, главна женска и машка улога (Џоди Фостер и Ентони Хопкинс), режисер (Џонатан Дем) и преземено сценарио (Тед Тали).

Доколку и неоноар филмот „Црн лебед“ од 2010 година се толкува како хорор, и „оскаровката“ Натали Портман е понов член во оваа елита.

Инаку, највозрасните глумци „оскаровци“ се: Ентони Хопкинс („Татко“, 2020, главна машка улога) – го доби одличјето на 83 години, Џесика Тенди („Возењето со г-ѓа Дејзи“, 1989, главна женска улога) – на 80 години, Кристофер Пламер („Почетници“, 2010 споредна машка улога) – на 82 години и Пеги Ешкрофт („Патување во Индија“, 1984, споредна женска улога) – на 77 години. (МИА)

Најнови вести од Познати

To top