Помина повеќе од еден месец откако познатиот пејач Даниел Кајмакоски беше киднапиран, а деталите за овој морничав случај продолжуваат да ја шокираат јавноста. Иако киднаперите се уште се во бегство, најновите сознанија се застрашувачки – се сомнева дека киднапирањето е нарачано од лице кое пејачот добро го познава.
Адвокатот на пејачот Даниел Кајмакоски, Бранислав Станишиќ, откри дека неговиот тим има сериозни сомнежи, кои ги споделува со властите.
– Имаме сомнежи поврзани со некои луѓе што Даниел ги познава и со кои имал некаков контакт во минатото – истакна Станишиќ, објавуваат српските медиуми.
Според него, самите киднапери најверојатно се странци, ангажирани за оваа „валкана“ работа. Физичкиот изглед и јазикот што го зборувале укажуваат дека се од Турција, Македонија или можеби дури и од Виена, каде што Даниел живеел повеќе од две децении.
Прашањето што судот ќе треба да го утврди е кој ги убедил и во чие име го направиле тоа.
Како да не била доволна траумата што ја претрпел, пејачот сега се соочува и со огромни финансиски загуби. Неговиот луксузен џип, кој вреди околу 30.000 евра, бил чуван од полицијата со недели за да се отстранат траги од ДНК и примероци, а возилото било вратено целосно уништено.
– Браникот, тркалото, радијаторот, цел агол се скршени. Штетата е сигурно околу 5.000 евра – открива Станишиќ.