Беше многу емотивно, но ете, издржавме до последно, да не пуштиме солзи, вели Драган Стојаноски, син на Војо Стојаноски, во чија чест, во петокот, во Кичево се одржа концерт по повод десет години од смртта на легендарниот пејач на народна музика.
Стојановски почина на 65 годишна возраст и зад себе остави голем број на песни и концерти одржани во Македонија и странство. Негови најпознати песни кои оставија трага во македонската народна музика се „Ти донесов млада невеста“, „Една мисла имаме“ и „Свадба голема“.
Концертот беше исполнет со многу емоции, имаше многу тага, болка…Но, наша цел беше да ја продолжиме неговата работа. Ние израснавме со неговиот аманат, да ја сакаме и да ја негуваме македонската народна песна, да го почитуваме народниот мелос, вели синот Драган.
Концертот, во сеќавање и спомен на Војо Стојаноски, како што кажа Драган, бил организиран во соработка со Културно уметничкото друштво „Нико Пусоски“ од Кичево. На концертот настапиле: Дамјан Стојаноски, најмладиот син од четирите деца на Војо, кој исто како татка си е пејач, Влатко Миладиноски, Дарко Стојаноски, Спасен Сиљаноски, Влатко Лозаноски – Лозано, Мирослав Мирчески, Мики Данилоски, Бранислав Стојаноски, Орце Богданоски, Марко Трпчевски, Драган Вељаноски и Кристијан Трајаноски со оркестарот на Златко Миладиноски.
На сите учесници им беше чест што настапуваат на концертот. Сите прифатија без збор. Дел од нив се млади, но растеле со музиката на Војо, додава Драган.
На концертот и внукот на Војо, Марко, син на Драган Стојаноски говорел со пиетет за својот дедо.
Му кажав, Марко, може да биде многу емотивно, дали ќе издржиш, а тој ми рече, сакам да кажам некој збор за дедо, вели Драган.
Војо беше татко на четири деца, ќерката Жаклина и синовите Жарко, Драган и Дамјан. Од нив, најмалиот, Дамјан, тргна по стапките на таткото и е пејач кој ја продолжува љубовта кон музиката и кон македонската народна песна.