Таа е родена во Скопје, на првиот септемвриски ден, кога започнува и училишната година. Завршила гимназија во ГУЦ „Здравко Цветковски“, но отсекогаш го сакала театарот, глумата и камерата,иако никогаш не планирала тоа да и биде животна професионална определба.
На 13 години се запишува во драмското студио “Сцена”, каде под раководство на познатите македонски актери Тони Михајловски и Александар Микиќ за прв пат посериозно се запознава со глумата, актерската игра и оформувањето на актерските ликови.
Некако логично потоа станува студент на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), каде го завршува во класата на професорот и режисер, Владимир Милчин. По студиите веднаш немала можност да дојде до можност за да го изрази својот талент на театарските штици што живот значат во „големите театри“ како МНТ или Драмски или да сними поголеми ТВ и филмски проекти.
Но, откако ќе дипломира конкурира на еден конкурс на националната Канал 5 телевизија каде почнува да ги снима „Македонските народни приказни“ по кои ќе стане и позната кај пошироката јавност како “убавата мома“.
Покрај ликот во повеќе од 200 снимени епизоди, тука е инејзиниот глас кој може да се препознае во надсинхронизацијата на популарните турски серии.
Била дел од некои проекти и се’ уште од неколку аматерски театри како своевремено „Театарот 007“ на режисерот Игор Ивковиќ и продуцентот Миодраг Костиќ, или сегашниот театар „Отпишани“, чии ученици и ќе го формираат, зашто таа во исто време и држи часови по глума во аматерско драмско студио.
По обидите и неколкугодишното учество во велешкиот театар „Ј. Х. К. Џинот“, од пред неколку години конечно ќе се скраси во новоформираниот театар во Гостивар, кој станува нејзина матична куќа.
Во меѓувреме таа гради различни ликови во неколку повеќе или помалку познати филмови како „Душан“, „Бела ноќ“, „Вистинска љубов“, „Баг“…
Најчесто играјќи по режисерската палка на Јани Бојаџи во неговите филмови „Ругање со Христос“ и ТВ серијата “Бистра вода“, кои ќе ја исфрлат на површина како едно од најперспективните нови женски актерски имиња во Македонија.
Сепак, кулминацијата на актерската слава ќе ја доживее неодамна, по премиерата на актуелното филмско остварување на режисерот Јани Бојаџи, насловено „Утре наутро“.
Во филмот таа актерски брилјира во улогата на докторката Аида, чесна Ромка на која и е нанесена сраотна болка, но и неправда до лудило, откако ќе биде силувана од свој колега, а корумпираниот судски систем ќе замижи пред правдата и нема да го казни сторителот на обљубата.
Препознатлива е по својот глас, нестварната убавина огледана во ангелскиот лик и ставата на модел, од пред неколку години таа ја игра најголемата, најтешката, најодговорната, но истовремено и најубавата и најслатка улога во животот, откако ќе се оствари во улогата на мајка и ќе ја добие прекрасната ќеркичка Ева.
За детството и тинејџерскиот период, за актерството и глумата, театарот, телевизијата и филмот, за соочувањето со актерските и животниоте предизвици, за глумата на сцена или пред камера и онаа на лажните актери во животот и изопачените ликови од институциите на системот, за вистинските наспроти искривените вредности, за вистинските потези и грешките во животот, скриената приватност и најубавите мигови во прегратките на семејството и потомството, за соработката со режисерите и колегите, последните театарски остварувања и најновото филмско катапултирање меѓу ѕвездите, по што некои веќе и ќе и го дадат епитетот македонската Моника Белучи…
И за уште многу повеќе, помалку или сосема непознати нешта за неа, нејзиниот живот и кариера, „лице в лице“ Антонио Димитриевски со актерката Ирена Илиевска, во интер ток шоуто „НИШТО ЛИЧНО“ чија ПРЕМИЕРА оди вечерва, среда, 03-ти декември од 20.00 часот, ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (@Kurir.podcast).