Американскиот пејач Вилијам – Били Џоел објави нова песна, под наслов „Turn the Lights Back On“. Ова е негов прв оригинален сингл по 17 години.
Продуцирана од Фреди Векслер, кој има работено со ѕвезди како Џастин Бибер, Селена Гомез, Селин Дион и Кање Вест, песната е бавна љубовна балада – како поздрав до обожавателите токму за „месецот на љубовта и виното“. Стиховите се напишани од Џоел, Векслер, Вејн Хектор и Артур Бејкон.
„Доцнам, но тука сум во мигов и се обидувам да ја најдам магијата, којашто некако ја изгубивме. Можеби бев слеп, но те гледам сега, додека лежиме овде во темнината. Дали чекав предолго да ги запалам светлата?“, се вели во песната.
Џоел (74) ќе дебитира со неа во живо на доделувањето на „Греми“ наградите утрото во недела кон понеделник. Тој, исто така, ја завршува својата повеќедецениска кариера со настап во „Медисон сквер гарден“ на 25 јули годинава.