СОС Детско Село со гордост ја претставува новогодишната песна која носи силна порака за љубов, надеж и припадност. Песната е создадена како посебена инспирација на нашите пријатели Мишел Трајковски и Јана Стојановска, со поддршка на многу наши познати личности и е вистински доказ дека заедно можеме да создадеме магија, се наведува во денешното соопштение на „СОС Детско село“.
– Детскиот хор вклучен во рефренот внесува искреност и празнична радост што допира до секое срце, силно пренесувајќи ја пораката дека секое дете заслужува љубов, грижа и семејна топлина, се истакнува во соопштението.
Во писмената изјава на Трајковски и Стојановска, се нагласува дека нема поголемо задоволство од тоа да создадеш нешто што ќе ги направи децата среќни, а во исто време, да ги поттикне возрасните да размислат за моќта на заедништвото и љубовта.
– Учеството на нашите колеги е уште еден доказ дека сите можеме да се здружиме за да создадеме свет исполнет со добрина, особено за оние на кои им е најпотребно – децата. Бидејќи, секое дете е наше дете, а сите ние имаме морална и општествена одговорност да обезбедиме тие да растат во свет полн со љубов, грижа и поддршка, се додава во соопштението.
Спотот е со празнични сцени – од украсување на елката до заедничко пеење, како што се појаснува, симболизирајќи ги домот и припадноста што секое дете ги заслужува.
– Овој проект е посветен на сите деца со порака за љубов и безгрижни празници. Песната ќе биде промовирана на социјалните мрежи, телевизии и радија и „СОС Детско село“ ги повикува сите да ја споделат, да ја слушнат и да ја поддржат нашата мисија – секое дете да има среќно детство исполнето со грижа и сигурност, се истакнува во соопштението.
Како што се додава, „оваа песна е нашиот начин да ја споделиме радоста на празниците и да ја испратиме пораката дека љубовта и поддршката се најубавите подароци за сите деца“.