Британскиот поп-рок пејач Пол Мекартни изјави дека е воодушевен од преработката на неговата песна „Blackbird“ од Бијонсе. Таа ја преиздаде песната под малку изменет наслов – „Blackbiird“, за новиот албум „Cowboy Carter“. Легендата на „Битлс“ ја напишал песната во 1968 година, во време на големи расни тензии во САД и вели дека е среќен што пораката сѐ уште се слуша.
„Мислам дека таа (Бијонсе) направи одлична верзија и ја зајакна пораката за граѓански права што ме инспирираше да ја напишам песната“, напиша Мекартни на Инстаграм.
Создадена во време кога биле убиени неколку водачи на движењата за граѓански права во САД, песната всушност е инспирирана од група црнци – студенти кои први се кренале против сегрегацијата во училиштата во доцните 50-ти во Арканзас.
„Кога видов снимка на телевизија во раните 60-ти на кои на црните девојки не им се дозволува училиште, ми дојде шокантно и не можам да верувам дека и денес сè уште има места каде што се случуваат овие работи. Доколку мојата песна и фантастичната верзија на Бијонсе можат да ја намалат расната тензија, би било одлично и би ме направило многу горд “, додаде музичарот.
Мекартни рече и оти пејачката му се заблагодарила преку видеоповик. Во верзијата на песната на Бијонсе, свој удел имаат и пејачките Бритни Спенсер, Рејна Робертс, Танер Адел и Тиера Кенеди. (МИА)