Музика малтене, чудна констелација во предлогот

Објавена листата на можни нови членови на „Рокенрол куќата на славните“

За многумина пародија, но на листата се наоѓаат следните музички уметници и групи: Мараја Кери, Ајрон Мејден, Фил Колинс, Били Ајдол, Мелиса Етериџ, Оејзис, „Блек кроус“, Џеф Бакли, Лорен Хил..

Објавена листата на можни нови членови на „Рокенрол куќата на славните“

„Рокенрол куќата на славните“ го објави списокот на можни нови членови кои треба да бидат примени во елитата. Листата номинирани за оваа, 2026 година, содржи 17 имиња од цел спектар жанрови – од класичен рок до поп, ар-ен-би и хип-хоп.

На листата се наоѓаат следните музички уметници и групи: Мараја Кери, Фил Колинс, Били Ајдол, Мелиса Етериџ, „Блек кроус“, Џеф Бакли, Лорен Хил, „Инксес“, „Ајрон мејден“, „Џој дивижн / Њу ордер“, „Њу едишн“, „Оејзис“, Пинк, Шаде, „Ву-танг клан“, Шакира и Лутер Вандрос. Бројот номинирани е поголем од минатата година, кога имаше 14, што значи дека овој пат конкуренцијата е дополнително проширена.

Годинешниот избор е пристрасен кон уметниците кои ги почнале своите кариери во 1980-тите и 90-тите, а во случајот со Пинк – во првите години во XXI век. Фил Колинс се издвојува како единствен меѓу кандидатите кој веќе е примен во „Рокенрол куќата на славните“, но како член на составот „Џенезис“, а сега има можност да биде примен како солоизведувач.

Занимлив е и случајот со Џеф Бакли, кој издаде само еден студиски албум за време на својот живот – „Грејс“ (Grace) во 1994., пред неговата трагична смрт во 1997 година. Сличен пример е Лорен Хил, која остави силен белег со еден албум во 1998., иако ја продолжи својата успешна концертна кариера.

Судбината на номинираните ќе ја одлучат околу 1.200 членови на гласачкото тело следниве два месеци, а имињата на новите членови ќе бидат објавени во април. Добитниците на наградите во посебните категории за музичко влијание, музичка извонредност и наградата „Ахмет Ертегун“ наменета за оние кои не се изведувачи, но имале силно влијание врз развојот на рокенрол-музиката, исто така, ќе бидат објавени за околу два месеца.

Најнови вести од Музика

Теми на денот

To top