Со цел да ја поттикне менструалната правда, најголемиот дрогериски ланец во Европа – dm drogerie markt, од 1 февруари 2024 долгорочно ги намалува цените на влошките и тампоните од сопствената трговска марка Jessa, во рамките на ценовниот концепт СЕКОГАШ ПОВОЛНО. Покрај веќе поволните цени за производите вклучени во овој ценовен концепт, dm има за цел да придонесе за намалување на менструалната сиромаштија кај нас преку формирање на уште поповолни цени за овие производи. Активноста за намалување на цените се спроведува во сите држави од регионот, каде dm е присутен на пазарот, односно во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија.
Оваа иницијатива е дел од поширокиот општествен ангажман за зачувување на женското здравје, кој втора година по ред е во фокусот на активностите на компанијата. Под слоганот „{ЗАЕДНО} за подобро утре!“ dm во нашата земја втора година по ред ќе распише конкурс за пријавување на општествено-одговорни проекти кои за цел имаат подобрување на физичкото, менталното и менструалното здравје на жените, а оние проекти кои ќе ги исполнат поставените критериуми и ќе обезбедат најмногу придобивки за заедницата ќе бидат финансиски поддржани од компанијата во нивната реализација.
„Долгорочното намалување на цените на менструалните производи од сопствената марка Jessa и уште еден конкурс посветен на целокупната благосостојба на жените го претставуваат нашиот прв чекор во борбата против растечката менструална сиромаштија на национално ниво. Како компанија во која вработените се претежно жени и чии купувачи се претежно жени, сакаме фокусот да го ставиме токму на нив и на предизвиците со кои се соочуваат многу жени и девојки, бидејќи треба да знаат дека сите се подеднакво важни и вредни. Оваа иницијатива е нашиот начин на поддршка на жените, бидејќи менструацијата не е избор, туку природен физиолошки процес. Во месеците што претстојат преку различни активности ќе се заложиме основните производи за месечниот циклус, како влошки и тампони, да бидат што е можно подостапни“– изјави Кристина Дуранска, маркетинг менаџер во dm drogerie markt во С. Македонија.
Според податоците на истражувањето на организацијата „Тиииит! Инк.“ во партнерство со „Реактор“ од 2021 година, жените и девојките во Македонија издвојуваат повеќе од 3.000 денари годишно за одржување на основната менструална хигиена, односно повеќе од 120.000 денари во текот на својот менструален век (12-52 години). Ова особено ги погодува семејствата со повеќе женски членови, како и ценовно-чувствителните категории на сограѓани.
Во рамките на кампањата за женско здравје, dm минатата година распиша конкурс за пријава на проекти за подобрување на менталното и физичко здравје на жената. Шест од вкупно седумдесет пријавени проекти беа финансиски поддржани со над три милиони денари, помеѓу кои и проектот „Менструацијата не е луксуз“. Преку овој проект ќе бидат донирани над 170 пакети влошки за ученичките во основните училишта во земјава, 100 повеќекратни менструални влошки за жени вработени во текстилни фабрики, како и на други категории на ранливи сограѓани.