Вклучувањето на вкусна храна како кикиритки во вашата дневна исхрана може да има корисен ефект врз зачувувањето на когнитивните функции и здравјето на мозокот во староста.
Според експертите, дневната консумација на околу 60 грама печени кикиритки во лушпа може да го стимулира протокот на крв во фронталните и темпоралните лобуси на мозокот.
Експертите од Медицинскиот центар во Мастрихт наведуваат дека церебралниот проток на крв ја подобрува способноста за потсетување на говорни или пишани информации. Покрај тоа, наведуваат дека оваа храна може да помогне во намалувањето на ризикот од деменција што се зголемува со возраста, како и влошувањето на функцијата на крвните садови во мозокот.
„Церебралниот проток на крв е важен физиолошки индикатор за функцијата на мозокот и се однесува на количината на крв што тече низ мозокот, доставувајќи кислород и хранливи материи неопходни за одржување на здравјето на мозокот“, вели д-р Петер Јорис.
Кикиритките и путерот од кикиритки се исто така богати со протеини и одат добро со солени и слатки состојки. Кикиритките се добар извор на магнезиум, фолна киселина и витамин Е, кој делува како моќен антиоксиданс во телото.
И запомнете, во македонскиот литературен јазик правилно е кикиритки, а не кикирики.