Живот и Стил МПЦ

Утре е Воскресение Христово (трет ден)- се празнуваат и овие светители

Утре е Воскресение Христово (трет ден)- се празнуваат и овие светители

Воскресение Христово (трет ден)

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ? поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Тропар
Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари.

Кондак
Кога си слегол во гробот, Бесмртен, си ја разурнал адската сила, и си воскреснал како победител, Христе Боже, Кој на жените мироносици им благовести: Радувајте се! Кој им даруваш мир на Твоите апостоли, а на паднатите им даваш Воскресение.

Светиот маченик Сава Стратилат

Овој славен Сава живееше во Рим во времето на царот Аврелијан и имаше војводски чин. По потекло беше Гот. Често ги посетуваше христијаните по затворите и им помагаше со својот имот. Заради неговата голема чистота и подвигот на испосништво Бог му даде власт над нечистите духови. Кога го обвинија како христијанин, тој смело застана пред царот, го фрли пред него својот војнички појас и јавно Го исповеда Господ Христос. Беше мачен со разновидни маки; го биеја, го стружеа со железо и го гореа со свеќи. Но не им подлегна на смртоносните маки, а се јави жив и здрав. Неговите другари, војници, гледајќи дека на Сава очигледно му помага Бог, се обратија кон Христа. Седумдесетмина од нив беа веднаш убиени со меч. Самиот Господ му се јави во затворот на Свети Сава во голема светлина и го укрепи Својот маченик. По ова Сава беше осуден на смрт со потопување во вода. Го фрлија во длабока река, па Му ја предаде душата на Бога во 272 година.

Тропар
Седумдесет свеќи се запалија од тебе, свет стратилате Саво, кој пламен благодатен од Господа прими, и со таа свита храбро пристапи кон војската маченичка Христова, нурнувајќи се во водата на искушенијата за спасение на човечките души. Не престанувај за нас да се молиш пред одарот на простувањето.

Преподобна Елисавета

Во раната младост прими монашки чин во манастирот на Св. Козма и Дамјан во Цариград. Заради Христа и за спасението на својата душа живееше во тежок подвиг. Себеси се сметаше за невеста Христова, а овој свет за непостоечки. Од нејзината голема љубов кон Бога произлегуваше нејзината голема милосрдност кон луѓето, особено кон болните и страдалните. Со дарот што ? го даде Бог исцелуваше различни маки и болести кај луѓето. Ноќе на молитва ја видоа целата обвиена во небесна светлина. А нејзините мошти после смртта беа исцелителни, па на гробот притекнуваа мноштво болни и страдалници. Се упокои мирно во 540 година.

Тропар
Мажественоста на душата твоја сол стана за многумина кои малку се допреа до твоите за Христа подвизи, о блажена Мајко Елисавето, а Он те обдари со сила од која треперат демоните и чудата сведочат за љубовта со која Он ја прими ревноста твоја: јагнињата да се спасат и при Него приведат. Спомни си за нас, мајко преподобна, од светите мирни живеалишта.

Светите маченици Пасикрат и Валентин

Судијата мачител и неговиот брат Папијан, кој заради страв од маките отпадна од Христа, го наговараа да се одрече од Господ, но Пасикрат ја стави раката во оган и извика: „Телото е смртно и со оган изгорува, но душата е бесмртна и не ги чувствува видливите маки!“ Мајка му многу го поддржуваше и го храбреше да истрае докрај. Го убија заедно со Валентин. Маченичките венци тие ги стекнаа околу 228 година.

Преподобен Тома Јуродив

Секогаш кога по манастирска работа ќе појдеше во Антиохија, Тома се правеше луд заради Христа. Некој Анастасиј не сакаше да му ја даде побараната милостиња за манастирот, а му удри шлаканица. Но Тома му прорече: „Отсега ниту јас ќе примам од Анастасиј ниту Анастасиј ќе може да ми даде!“ По еден ден умре Анастасиј, а Тома се врати во манастирот и издивна. Вака се исполни пророштвото на светиот човек. Свети Тома се престави во Лафна кај Антиохија во времето на патријархот Домин (546 г. – 560 г.).

Тропар
Антиохија ти се поклонува и Бога Го прославува, о Тома, харфо што смирението го возвеличува, а ние удел земаме во славославието за тебе, кое со срце и усти кон Небесата и на земјата го вознесуваме. Се надеваме на твоите молитви, бидејќи ти јуродив умре за светот, а во Христа мудро се роди, пребивајќи сега во вечни векови.

Светите маченици Лука и Никола

Лука беше прекрасно момче и кројач по занает, пострада за Христа во 1546 година. Никола прими мачеништво за Христа во 1776 година.

To top