„Според научници од Република Кореја цвеќињата имаат „биолошки часовник“ кој го регулира времето на отворање на цветовите и ослободување на мирисот во согласност со потребите на инсектите“, пренесува онлајн порталот Физ.
Грамофончињата што се отвораат наутро и цвеќињата што испуштаат мирис во текот на ноќта изгледа како да знаат колку е часот. Научниците од корејскиот институт за напредни науки и технологии (КАИСТ) го откриле на молекуларно ниво механизмот на дејствување на „биолошкиот часовник“, усогласен со однесувањето на инсектите. Ваквото истражување, објавено во списанието „Д Плант сел“ („The Plant Cell“), нуди потенцијални примени на технологиите за контрола на времето на цветање и ослободување на мирис. Истражувачкиот тим, предводен од професорот Сан-Гју Ким, открил дека гените регулирани од биолошкиот часовник на растенијата комплексно го контролираат и времето на отворање на цветовите и циркадниот ритам на ослободување на мирис.
Познато е дека растенијата имаат физиолошки процеси регулирани од „биолошкиот часовник“, кој им овозможува да го перципираат времето според дневниот циклус. Сепак, точниот процес преку кој цветовите се отвораат и како тој е поврзан со гените на биолошкиот часовник досега не е целосно разјаснет. За потребите на истражувањето научниците користеле „Nicotiana attenuata“ (вид тутун) кој потекнува од пустинските региони на Јута, САД, а ова растение ги отвора своите цветови и испушта мирис во текот на ноќта за да привлече ноќни опрашувачи.
Инспириран од ваквите појави, биологот Карл Линеј ја предложил идејата за „цветен часовник“, претпоставувајќи дека ако растенијата што ги отвораат и затвораат цветовите во различно време се соберат на едно место, може да се одреди часот само врз основа на нивната состојба на цветање. Претходните истражувања главно се насочиле на анализа на промените во генетската експресија поврзани со развојот на цветовите. Меѓутоа, студиите што директно го идентификуваат феноменот на отворање на цветовите и гените што го контролираат биле ограничени.
Авторите на ова истражување анализирале мутирани растенија со изменети гени на биолошкиот часовник и, преку молекуларно-биолошки процеси, проучиле како се регулираат отворањето на цветовите и ослободувањето на мирис. Истражувачите потврдиле дека специфични гени на биолошкиот часовник имаат главна улога во контролирањето, како и во моментот на отворањето на цветовите, но и во ритамот на ослободување на мирисот. Ова покажува дека растенијата прецизно го користат својот биолошки часовник за да ги отвораат цветовите и да привлекуваат опрашувачи во најповолните моменти за опстанок и размножување. (МИА)