Ако постои едно модно парче што оваа пролет успеа да биде истовремено впечатливо и универзално, тоа е црвеното здолниште. Овој примамлив модел повторно се врати во центарот на модните трендови и стана вистински симбол за енергија, самодоверба и женственост. Неколкусезонската доминација на неутрални тонови се зад нас, а модниот свет повторно препорачува живи бои, од кои црвената се издвојува како апсолутен фаворит.
Модните експерти истакнуваат дека популарноста на црвеното здолниште е поврзана со трендот наречен „допамински стил“ – начин на облекување кој го подигнува расположението и внесува оптимизам во секојдневниот живот. Токму затоа, црвените нијанси ги преплавија колекциите на познати модни куќи како „Валентино и Прада“, како и колекции на популарни секојдневни брендови. Црвеното здолниште може да се носи во неколку различни варијанти:
Миди А-крој е најуниверзален модел – должина до средината на листот и благо широк крој одговара на речиси секоја става. Овој модел е идеален за дневни комбинации, но и за работа. Сатенско слип здолниште дава елегантен и софистициран изглед. Особено е популарно во комбинација со едноставни маици или тенки џемпери. Додека пак, мини црвеното здолниште е совршен избор за љубителките на урбан стил. Ја нагласува половината и нозете, а одлично се комбинира со патики или чизми. Црвеното миди здолниште за дневен стил може да се комбинира со бела кошула или едноставна маица и патики. Оваа комбинација е опуштена, но и многу елегантна.
Најдобра комбинација за на работа би била со беж или крем блејзер и класични салонки за софистициран и професионален изглед. Што се однесува до вечерниот стил, сатенско црвено здолниште може да се искомбинира со црн горен дел и сандали со потпетица – ќе остави впечаток и ќе ве направи ѕвезда на вечерта. Што се однесува до боите, иако црвената е силна боја, изненадувачки лесно се комбинира со бела, црна, беж и тексас. (МИА)