Син дијамант, наречен „Блу ројал“ (Bleu Royal), може да стане најскапиот продаден скапоцен камен на светот. Тој ќе биде ставен на наддавање во „Кристи“ во Женева, Швајцарија утре.
Дијамантот од 17,61 карати е најголемиот интензивно син дијамант понуден на аукција кога било, а поставен во прстен, 50 години бил дел од приватна колекција. Првично, се очекува тој да достигне цена од 32 до 46 милиони евра. Живописните сини дијаманти од повеќе од 10 карати се исклучително ретки. Од своето основање во 1766 година, „Кристи“ има продадено само три такви дијаманти, и тоа сите последниве 13 години. Имено, „Булгари блу“ беше продаден за 14,7 милиони евра во 2010., „Винстон блу“ за 22,2 милиони евра во 2014. и „Опенхајмер блу“ за 53,6 милиони долари во 2016 година.
Покрај „Блу ројал“, понудата ќе вклучува и бројни предмети од светот на филмската историја. Така, на наддавањето ќе се најде и бисерен ѓердан што Одри Хепберн го носела во филмот „Одмор во Рим“, како и часовникот на Марлон Брандо од филмот „Апокалипса денес“.
Тој часовник глумецот ѝ го подарил на својата ќерка Петра во 1995 година, а таа потоа, 2003., му го подарила на својот сопруг. Потоа предметот со висока вредност е продаден на наддавање во 2019 година, за 1,8 милиони евра и овојпат, во Женева, се очекува да достигне цена од над два милиони евра.