Мозочните игри и вежбите за помнење ги стимулираат нервните патишта и поттикнуваат тн. „невропластицитет“, т.е. способност на мозокот да учи и да се менува. Ова помага во зајакнувањето на нервните врски, што пак, ги зацврстува мозочните и умствените вештини. Дакари Квимби, клинички доцент по психијатрија на Медицинскиот факултет УСЦ во Лос Анџелес, САД, смета дека овие когнитивни предизвици ги подобруваат когнитивните функции и потенцијално го одложуваат падот на меморијата.
– Не постои проверка на реалноста како оваа – на некого му раскажувате иста приказна двапати и го сфаќате тоа кога тој / таа ќе Ве запре на половина пат. Кога тоа ќе се надополни со заборавање на клучевите по втор пат во една седмица или нетекнување на името на некој што неодамна сте го запознале, очигледно е дека Вашата меморија можеби не е толку добра како порано… И, тоа е во ред – промените во помнењето со возраста се нормални, појасни Квимби за „Јаху лајф“ (Yahoo Life).
Д-р Гери Смол, психијатар од Медицинскиот универзитет во Хакенсак, во американската сојузна држава Њу Џерси, вели дека неколку истражувањата покажале дека едноставните вежби и игри за меморија може да го подобрат и зајакнат помнењето. Следат четири „игри за мозокот“ коишто докажано го освежуваат умот.
Крстозбор
Погодувањето зборови и логични поврзувања може да биде тешко, но „фората“ е да се предизвикувате себеси и да ја одржите Вашата остроумност. Научните истражувања посочуваат дека тие се благотворни и за подобрување на помнењето, и во спречување на намалување на мозокот кај луѓето со полесно когнитивно оштетување.
Според „Харвад хелт“ (Harvard Health), додека го барате вистинскиот збор за редот или колоната, користите повеќе делови од Вашиот мозок. Тоа „Ве принудува да ги поврзете концептите што не сте ги замислиле заедно“, се вели во написот. Сѐ тоа поттикнува поголеми области на кортексот да бидат активни и се создаваат нови врски во мозокот. Тогаш хипокампусот ќе ги помни тие нови врски, зајакнувајќи го така самиот мозок.
Математички загатки
– Игрите со броеви како „Судоку“ бараат аналитички вештини и овозможуваат препознавање шаблони и способности за решавање проблеми, потребни за зајакнување на краткорочното помнење, вели Квимби.
Клучот е да се најде вистинската рамнотежа кога станува збор за овие игри.
– Секогаш ги охрабрувам луѓето да се вклучат во забавните ментални вежби за „да се вратат за повеќе“… Исто така, важно е да се најде тоа „слатко место“, каде што активноста е предизвикувачка, но не премногу тешка, а и не премногу лесна. Ако играта со мозокот е премногу едноставна, таа ќе стане здодевна и нема да ги стимулира нервните кола. Ако е премногу предизвикувачки, ќе стане фрустрирачка, па и така може да изгубите интерес, вели Смол.
Шах
– Не само според стручњаците, шахот е одличен за стратешко размислување и решавање проблеми. (Оваа игра) го поттикнува мозокот со тоа што ги тера играчите да ги запомнат правилата, да ги следат позициите на фигурите и да ги предвидуваат потезите на противниците, вели Квимби.
Игри со карти
И разбивањето шпил карти за „Покер“ или „Бриџ“, според стручњакот, носи многу придобивки. Овие игри, покрај забавата и поттикнувањето друштвени собири, бараат од играчите да ги помнат карти што се одиграни и да ги погодат тие карти што останале кај другите.
Колку често треба да прават вежбите за помнење?
Вклучувањето во мозочна активност еднаш во денот, дури и на 15 до 30 минути, ја подобрува меморијата на долг рок. Разновидноста е, исто така, важна. Квимби вели:
– Клучна е постојаноста. Колку почесто и редовно го предизвикувате Вашиот мозок, толку подобри резултати ќе имате. Добро да имате неколку различни видови задачи што Ви се допаѓаат и коишто го предизвикуваат Вашиот мозок. Менувањето на вежбите само може да го задржи мозокот вклучен и да го направи процесот пријатен, но и корисен.
– Идеалната рутина за когнитивни вежби зависи и од тоа како изгледа Вашиот секојдневен живот. Некој кој има стимулативна, предизвикувачка работа можеби нема да има потреба од дополнителни ментални вежби за да го одржи својот мозок здрав. Можеби ќе им биде подобро да се релаксираат на крајот од денот за да го намалат стресот. Спротивно на тоа, некој што нема таква работа можеби ќе сака да најде игри и активности коишто му се забавни, стимулирачки и коишто му го обземаат вниманието, така што „менталниот аеробик“ ќе стане рутина за оптимално здравје на мозокот, додаде Смол.
Ако пак, не сте љубител на овие игри за мозокот, има и многу други вежби за највиталниот орган во телото. Може, на пр., да се научи нов јазик, денес и на интернет. Или – ново хоби.
Истражување од 2023 година покажува дека кое било хоби во средината или подоцна во животот е поврзано со помала опасност од деменција. Водењето разговор, пак, за внатрешните уверувања или за актуелни настани, со блиска личност – можеби не изгледа како вежба за помнење, но и тоа е вид развивање на умот. Според Смол, длабокиот разговор допира до невронските мрежи потребни да се одржат комуникациските вештини – остри.
И физичката вежба е добра за мозок. Според науката, 10 минути физичко вежбање, на пр. брзо одење или чучнувања – може да ги подобрат умствените вештини, како и Вашето тело. (МИА)