Осмото издание на Винодонија, престижниот Скопски вински салон, ќе се одржи на 13-ти и 14-ти декември во хотел „Мериот“ во Скопје. Настанот, кој традиционално ги собира најзначајните имиња од винската индустрија, оваа година продолжува со уште поголем ентузијазам и квалитетна програма.
Работното време на салонот ќе биде од 15:00 до 21:00 часот, овозможувајќи им на посетителите да уживаат во уникатните вкусови на повеќе од 500 вина изложени од над 70 домашни и странски винарии. Винодонија 2024 и оваа година го истакнува значењето на винската култура и ја нагласува улогата на Македонија како винска дестинација во регионот.
Во богатата винска програма на настанот, посетителите ќе имаат можност да дегустираат разни вина од Македонија и странската винска сцена, но и да откријат и да се запознаат со нови вински приказни, кои ќе ги прераскажуваат уште многу време откако салонот ќе заврши. Водечкиот карактер на Винодонија 2024ќе дојде повторно до израз преку едукативните работилници и предавања, на кои експерти од винската индустрија ќе ги споделат своите знаења преку мастер-клас дегустации и интерактивни сесии. Можноста за професионално вмрежување нема да биде изоставена, на настанот ќе присуствуваат менаџери и сопственици на хотели, ресторани и барови, дипломати и медиуми, обезбедувајќи одлична платформа за промоција и нови партнерства.
Освен извонредниот избор на вина, Винодонија 2024 и оваа година ќе има специјален гастрономски дел, кој ќе го заокружи винското уживање. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат внимателно одбрани гурмански специјалитети, локални и интернационални деликатеси кои совршено ќе се надополнуваат со презентираните вина. Оваа комбинација на вкус и квалитет ќе овозможи автентично искуство за сите љубители на доброто вино и храна, потврдувајќи го статусот на Винодонија 2024 како настан кој ги слави најдобрите аспекти на гастрономската и винската уметност.
Винодонија се има етаблирано како клучен настан за винската индустрија во Македонија, привлекувајќи вински ентузијасти, експерти и професионалци. Овој салон ја слави македонската винска традиција, промовирајќи го квалитетот на домашните вина и нивниот потенцијал за глобален успех.
Картите за Скопски вински салон – Винодонија 2024 се во ограничен број, и истите може да се купат однапред ОНЛАЈН по цена од 1000 денари за секој ден посебно, а еден мал дел ќе може да се купат и на самиот влез пред почетокот на настанот, но по цена од 1.200 денари.