Осаменоста и зависноста од Интернет ќе станат водечки проблеми со менталното здравје во овој век, предупреди психијатарот Маријана Браш пред 12-тиот Меѓународен конгрес за медицина фокусирана на личноста, што започнува во Загреб.
-Ние ја делиме судбината на светот, сè потешко ни е да се носиме со она што ни го донесе неконтролираното користење на интернетот и играњето игри од страна на младите и децата. Се дефинираат некои нови дијагнози со кои се среќава модерната психијатрија, а се предизвикани од негативното влијание на социјалните мрежи, лажните вести и животот во виртуелната реалност, вели проф. Маријана Браш, претседател на Организациониот одбор на Конгресот.
СЗО: Третирај ја зависноста од интернет кај младите како зависност од тутун
-Водечките проблеми во психијатријата повеќе не се депресијата и анорексијата, туку зависноста од интернет, невроразвојните нарушувања, осаменоста и психо-онкологијата. Нè очекува голема промена, за која мора да бидеме подготвени и да дадеме одговори на прашањата – како да го контролираме користењето на Интернет од страна на младите, како да го забраниме во училиште, како да ги спречиме да гледаат детска порнографија, вели Браш.
Таа потсетува дека Светската здравствена организација (СЗО) неделава предложи зависноста на младите од интернет да се третира како зависност од тутун.
Се зголемува и осаменоста кај младите, кои се повлекуваат од општеството за буквално со денови да не излегуваат од дома. Станува збор за екстремна социјална изолација, а феноменот првпат е идентификуван во Јапонија кон крајот на 90-тите години на минатиот век и го нарекле „хикикомори“ синдром, што на јапонски значи „повлекување во себе“.
-Луѓето ќе станат анксиозни и депресивни, младите ќе развијат нарушувања на АДХД и аутистичен спектар бидејќи живеат во виртуелен свет каде што стануваат зависни од социјалните медиуми, лажните вести и теориите на заговор, вели Браш.