Живот и Стил

Денеска е Светиот апостол Онисим

Денеска е Светиот апостол Онисим

Еден од Седумдесеттемина. Му беше роб на Филимон, човек богат и угледен во градот Колосај во Фригија, но нешто му згреши на својот господар и побегна во Рим, каде што од апостолот Павле го слушна Евангелието и се крсти.

Па со оглед дека Павле претходно го имаше приведено и Филимон кон вистинската вера, тој сега ги измири овие двајца, Филимон и Онисим, господарот и робот, пишувајќи му посебно послание на Филимон, еден од најтрогателните пишани состави кои воопшто постојат во Светото Писмо. „Те молам“, пишува, „за мојот син Онисим, кого го родив во оковите свои …

Можеби затоа се раздели од тебе на некое време, за да го добиеш вечно, не повеќе како роб а повеќе од роб, како брат возљубен“. Трогнат од ова писмо Филимон навистина го прими Онисим како брат и го ослободи од робувањето. Подоцна Онисим од самите апостоли беше поставен за епископ и по смртта на апостолот Тимотеј ја прими Ефеската Столица. Тоа се гледа од посланието на Св. Игнатиј Богоносец.

Во времето на Трајановото гонење Онисим веќе беше старец. Го уапсија и го одведоа во Рим. Овде одговараше пред судијата Тертул, одлежа затвор и најпосле го убија со меч.

Неговото тело го зеде некоја богата жена, го положи во сребрен ковчег и чесно го погреба во 109 година.

To top