Живот и Стил Празник

Денеска е Преподобен Јован Лествичник

Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници…

Денеска е Преподобен Јован Лествичник

Денеска е Преподобен Јован Лествичник

Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен.

По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници.

На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“.

Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.

Тропар

Мудар подвижнику Христов Јоване, смирение, трпение и молчание во тебе изгради благодатта Господова, послушанието во Христа ти беше ѕвезда водилка кон Небесата. За нас оттаму ти спушти лествица до земјата, поучувајќи да внимаваме на секое скалило, и секое дете да го добие она што му е најмило – прегратка во Царството Небесно.

To top