Ремек-делото на сликарот Пабло Пикасо под наслов „Femme A La Montre“ („Жената со часовник“) од 1932 година е продадено за 130 милиони евра (безмалку 140 милиони американски долари) на наддавање во Њујорк вчера.
Тоа е второто најскапо дело на Пикасо, соопшти аукциската куќа „Сотби“, продадено со цена од 139,4 милиони долари. Во 2015 година, сликата „Les Femmes d’Alger (Version ‘O’)“ („Жените од Алжир (верзија ‘О’)“) беше продадена од аукциската куќа „Кристи“, исто така од Њујорк, САД, за над 167 милиони евра.
Новопродадената слика е портрет на неговата љубовница Мари-Тереза Валтер. Делото било купено од колекционерката Емили Фишер Ландау во 1968 година, и долги години било сместено над каминот во нејзиниот стан во Њујорк. Засега не е откриено кој е нов сопственик на сликата.
Заедно со неа, на дводневната аукција ќе бидат продадени околу 120 други дела.
Извесно време, колекционерката Ландау водеше и музеј во њујоршката општина Квинс. Таа почина во март на 102-годишна возраст.