“Mercedes” тивко го промени својот иконичен логотип – без големи најави, медиумски настани или спектакуларни презентации.
На почетокот на 2025 година, “Mercedes – Benz” дискретно ја освежи познатата трикрака ѕвезда, без многу медиумско внимание. Од февруари 2025 година, познатиот логотип повеќе не се користи во својата тродимензионална, хромирана верзија, туку во рамен, бел дизајн, пренесува “Auto Bild”.
Новиот минималистички дизајн веќе е присутен во годишниот извештај на компанијата, на социјалните мрежи, во електронските писма и во официјалната кореспонденција. Сепак, љубителите на класиката можат да здивнат – препознатливата сребрена “3D” ѕвезда останува на хаубите, воланите и фелните на автомобилите.
Ова не е првпат “Mercedes” да експериментира со рамен логотип – уште во 2007 година тестираше ваков дизајн, но брзо се врати на “3D” изгледот. Последната поголема промена беше во 2011 година, кога беше претставена полирана тродимензионална верзија.
Значењето на трикраката ѕвезда
Логото на “Mercedes” се базира на трикрака ѕвезда од 1909 година. Идејата ја замислил Готлиб Дајмлер уште кон крајот на 19 век и симболизира амбицијата на компанијата да создава мотори за копно, вода и воздух. Првично се користела на разгледници и промотивен материјал, а во 1911 година официјално станала заштитен знак.
По обединувањето на “Daimler” и “Benz” во 1926 година, настанал брендот “Mercedes-Benz”. Тогашниот нов логотип ги споил трикраката ѕвезда и ловоровиот венец од логото на “Benz”.
Низ децениите, логото претрпе многу промени – се менувале материјалите, димензиите и стилот – но трикраката ѕвезда останала заштитен симбол. Златната боја е заменета со сребрена, која и денес е препознатлив естетски белег на брендот.
Минимализмот како нов тренд
Новото лого е едноставно, бело, без сенки и рефлексии – во склад со дигиталниот минимализам кој доминира кај производителите на електрични возила. Слични редизајни веќе воведоа и компании како “Volkswagen”, “BMW” и “Renault”.
Иако реакциите се поделени – некои го пофалија заради современиот изглед, додека други го сметаат за премногу поедноставен – од “Mercedes” порачуваат дека класичната “3D” ѕвезда и понатаму ќе ги краси нивните автомобили.