Од средината на оваа година, сите нови автомобили во Европската Унија, вклучително и Хрватска, Бугарија и Грција во регионов, ќе мора да имаат инсталирано ново задолжително стоп-светло, кое јасно укажува на опасност во одредени ситуации, а целта е што е можно порано да се предупредат другите учесници во сообраќајот и да се избегнат судири со возило кое сопира.
Според Регулативата на ЕУ за општа безбедност на возилата, од 7 јули оваа година, инсталацијата на Сигнал за итно запирање ќе биде задолжителна, што вклучува трепкачко стоп-светло за време на силно сопирање и автоматско активирање на трепкачите по нагло запирање. Овој сигнал се активира автоматски при брзини над 50 километри на час. Без овој сигнал, возилото повеќе нема да биде хомологирано од горенаведениот датум.
Хрватскиот авто клуб неодамна извести за ова, објаснувајќи дека задните стоп-светла сега се вклучуваат секој пат кога автомобилот ќе се сопре, но новите прописи ќе го променат ова – за време на силно забавување, обично при брзини над 50 км/ч, ќе се вклучи таканареченото адаптивно светло за итно сопирање. Стоп-светлата ќе трепкаат неколку пати во секунда и ќе сигнализираат силно сопирање. Ако возилото застане по силно забавување, предупредувачките светла за опасност автоматски ќе се активираат, а стоп-светлото ќе остане вклучено.
Како што изјавија од ХАК, ова јасно оптичко предупредување треба да помогне во спречувањето на опасни судири одзади, особено на автопати и експресни патишта. Новата регулатива се однесува исклучиво на нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила, а тие додаваат дека постојните автомобили не треба да се модифицираат или да се доградуваат со овој систем.
Овој систем е дел од поширок пакет мерки на Европската Унија за побезбедни патишта, содржани во Регулативата на ЕУ 2019/2144, која предвидува задолжително инсталирање на голем број активни и пасивни безбедносни системи во новите возила, како што се напредни системи за сопирање во итни случаи (AEBS), помош при одржување на лента, паметен ограничувач на брзина, детекција на поспаност/замор на возачот, камера за поглед наназад итн.