Занимливости експертска проценка

Поправка или замена – што е поисплатливо кога ќе се дупне гума?

За да се процени дали гумата е погодна за поправка, пропишано е дека мора да се отстрани од бандажот, се наведува.

Поправка или замена – што е поисплатливо кога ќе се дупне гума?

Дупнатата гума од автомобил е неочекувана појава којашто може да се случи кога и каде што најмалку се надеваме, а да одземе непотребно многу време, а и чини пари. Сепак, според ДЕКРА – најголемата меѓународна организација за тестирање и сертификација на возила во светот, тоа не значи дека мора веднаш да купите нова.

– Во принцип, има многу работи што можат да се поправат кај гумите. Мал дефект не мора да значи веднаш замена на целата гума. Ако е правилно поправена, честопати може долго да трае, објасни Кристијан Кох, експерт за гуми во ДЕКРА.

Тој, во изјавата за „Автоклуб“ (Auto Klub) разбива и еден мит: – Не е вистина дека можат да се поправат само гуми одобрени за одредена брзина. Тоа секогаш зависи од степенот на оштетување и општата состојба на гумата.

Според стручњакот, експертската проценка е клучна.

– Најважната работа при поправка на гума не е самата постапка, туку експертската проценка дали штетата воопшто може да се поправи. Ова е комплексно прашање и треба да се остави на обучен сервисер, нагласува Кох.

За да се процени дали гумата е погодна за поправка, пропишано е дека мора да се отстрани од бандажот, се наведува. Само тогаш, сервисерот може темелно да ја провери гумата и внатрешноста, вклучувајќи ги и страничните ѕидови, за да утврди дали се неоштетени.

– Од техничка гледна точка, поправката на гуми денес веќе не е сложена загатка. Но, сепак советот вели, возачите да не се обидуваат сами. Покрај професионалното знаење и искуство, потребна е и техничка опрема што ја нема секоја работилница, додаде Кох.

Секој што сака да ја зачува можноста за поправка на гуми, според него, не смее да ги прави следниве грешки.

– Ако, на пр., истурите течност за запечатување во гумата за да ја запечатите дупката одвнатре, не може да ја поправите подоцна – гумата мора да се замени… Никогаш не треба да се вози со дупната гума без притисок, дури ни на кратки растојанија, бидејќи тоа може трајно да ја оштети гумата, појасни Кох.

Заклучок: Најдоброто решение кога ќе се случи дупнување е веднаш да се намести резервната или привремена гума. На овој начин, оштетената гума може да се поправи подоцна и нејзиниот век на траење да се продолжи. (МИА)

To top