Сместен во идиличната северна Шкотска, живописниот приморски град Вик има богата историја како поранешно норманско село коешто гордо ја носело и титулата на едно од најпрометните пристаништа во Европа во 19. век.
Овој шкотски град денес може да се пофали и со богата културна сцена – театар, уметнички галерии… Бил познат и по текстилната индустрија – некогаш имал и сопствена фабрика за волна. Покрај сѐ тоа, светската јавност уште еднаш слушна за него, кога во 2006 година Гинисовата книга на рекорди ја призна „Ебенезер плејс“ (Ebenezer Place) како најкуса улица во светот.
Улицата, имено, е долга само 2,06 метри, па на возрасен човек му требаат само три чекори да ја мине. На неа се наоѓа и хотелот „Меккејс“.
Имотот бил изграден во 1883 година од Александар Синклер, по неговото враќање од САД во Шкотска. Се вели дека Градскиот совет му наложил на инвеститорот да го именува новозаградениот дел од улицата „Јунион“ – како посебна улица. Тогашниот закон налагал така, па „Ебенезер плејс“ во 1887 година официјално е прогласена за улица.
Сопственичката на хотелот, Ели Ламонт, која со својот сопруг Мареј денес го води хотелот, вели дека гостите, меѓу другото, се посебно воодушевени од светскиот рекорд.
Секоја година, градот Вик е домаќин на „Гала-неделата на Вик“ – седмица исполнета со концерти, изложби, спортски настани и народни фестивали. Ова место, исто така, е домаќин и на најсеверниот мотоциклистички настан во Велика Британија – „Нордкап ендјуро“, којшто привлекува возачи од целиот свет. Малото гратче се користи и за снимање филмови и ТВ-серии, како што е светски познатата „Круна“.
На второ место е улицата „Елгин“ во Бејкуп, западна Англија, според Гинисовата книга на рекорди. Таа улица е долга 5,2 метри. (МИА)