Во судска постапка што може да означи пресвртница за технолошката индустрија, американска порота пресуди дека Meta и YouTube се одговорни за дизајнирање платформи што предизвикуваат зависност и им штетат на децата.
Суд во Лос Анџелес донесе историска пресуда со која технолошките гиганти Meta и YouTube се прогласени за одговорни за свесна негрижа при дизајнирањето на своите платформи. Судењето во овој случај започна минатиот месец. Во својата тужба, 20-годишната Кејли Г. М. ги обвини технолошките компании Google (сопственик на YouTube) и Meta (сопственик на Instagram) дека намерно ги дизајнирале своите социјални мрежи користејќи неуробиолошки техники слични на оние во коцкарниците, со цел да ги задржат децата и младите во состојба на зависност.
Правен преседан
Поротата, по изнесувањето на доказите, заклучи дека обвинетите компании свесно користеле функции што создаваат зависност, како автоматско пуштање видеа и бескрајно прелистување содржини (скролање), што директно му штети на менталното здравје на младите корисници. Ова е прв ваков случај што доби судски епилог пред порота, што отвора врата за илјадници слични тужби ширум светот.
Тужителката сведочеше за разорна зависност започната во рана детска возраст. Според нејзиното сведочење, YouTube почнала да го користи на шест години, а Instagram на девет. До десеттата година развила депресија и склоност кон самоповредување, а подоцна ѝ биле дијагностицирани телесна дисморфија и социјална фобија, што нејзините правни застапници директно го поврзуваат со алгоритамскиот дизајн на овие платформи.
Шест милиони долари отштета
Судот ѝ додели на тужителката вкупно шест милиони долари отштета, вклучително и казнена отштета наменета за санкционирање на компаниите за нивното постапување. Според пресудата, Meta е одговорна за 70% од износот, додека преостанатите 30% треба да ги плати Google. Поротата утврди дека компаниите не успеале да ги предупредат родителите и децата за опасностите од зависност, и покрај интерните документи што укажувале дека нивните производи се дизајнирани да го задржат вниманието на корисниците што е можно подолго.
Претставниците на Meta и YouTube изразија длабоко несогласување со пресудата и најавија жалби. Од Meta изјавија дека менталното здравје на адолесцентите е исклучително комплексно прашање што не може да се сведе на влијанието на една апликација. Тие нагласија дека континуирано работат на воведување алатки за родителска контрола и заштита на младите, отфрлајќи ги тврдењата дека нивните алгоритми се првенствено насочени кон создавање зависност на штета на благосостојбата на корисниците. Адвокатите на тужителката изјавија дека оваа пресуда испраќа „јасна порака дека ниту една компанија не е над одговорноста кога станува збор за нашите деца“.
Од друга страна, правните експерти сметаат дека овој исход би можел да стане преседан за повеќе од 1.600 семејства и стотици училишни окрузи кои водат слични спорови во САД. Додека платформи како TikTok и Snap претходно постигнале спогодби во слични случаи, упорноста на Meta и YouTube да ја докажат својата невиност на суд доведе до првиот јавен правен пораз – што би можело да го промени начинот на кој функционираат социјалните мрежи во иднина.