Јупитер е убедливо најголемата планета во нашиот Сончев Систем, но новите мерења покажуваат дека е малку помал отколку што се мислеше претходно.
Користејќи податоци од вселенското летало „Џуно“ на НАСА, научниците ги добија најпрецизните мерења досега за обликот и големината на петтата планета од Сонцето. Информациите говорат дека Јупитер има екваторски дијаметар од 142.976 километри, или осум км помалку отколку што покажуваа претходните мерења. Исто така, според новите наоди, дијаметарот на најголемата планета од северниот до јужниот пол е околу 133.684 км, односно 24 км помалку отколку што се веруваше претходно.
Јупитер, како и Земјата, нема совршен топчест облик, туку е делумно „сплескан“, а новите податоци укажуваат дека тоа е и малку повеќе отколку што досега се сметаше. Хоризонталниот дијаметар на Јупитер е околу седум отсто подолг од неговиот вертикален дијаметар. А пак, екваторијалниот дијаметар на Земјата е само 0,33 отсто подолг од растојанието меѓу Северниот и Јужниот Пол.
Поранешните мерења на Јупитер се засноваа на податоци од вселенските летала „Војаџер“ и „Пионир“ на НАСА кон крајот на 1970-тите. „Џуно“, лансирано во 2011 година, орбитира околу најголемата планета од 2016 година, испраќајќи необработени податоци назад на Земјата.
Во 2021 година, НАСА ја продолжи својата мисија, со што им даде можност на научниците да продолжат со мерењата што потоа овозможуваат попрецизно истражување.