Историски дијамантски ѓердан што бил носен и на крунисувањето на британската кралица Елизабета Втора, а којшто, како што се верува, е поврзан со познат скандал од времето на француската кралица Марија Антоанета, се очекува да достигне до 2,5 милиони евра на скоро објавената аукција.
Овој технички висококвалитетен ѓердан, се вели, најверојатно е изработен кусо пред Француската револуција. Во 1937 година, Марџори Паџет, маркиза од велшкиот отров Англси, го носела парчето накит на крунисувањето на кралот Џорџ Шести. Во 1953., нејзината снаа присуствувала на крунисувањето на кралицата Елизабета Втора, носејќи го истиот накит од семејната колекција. Андрес Вајт Коријал, претставник на „Сотби’с“ за Европа и Блискиот Исток, изјави:
– Мислам дека најважниот дел, освен вредноста на дијамантите, е фактот што ѓерданот опстанал до ден-денес. Такви нешта сè уште може да се видат само во музеите или во збирките на кралските семејства кои сè уште владеат или кога ќе ги посетите поранешните влладетелски збирки во Санкт Петербург или Москва.
Ѓерданот од 300 карати, со три низи и вкупно 500 дијаманти, кој не е виден во јавноста половина век, се проценува дека ќе достигне цена меѓу 1,6 и 2,5 милиони евра. Наддавањето е закажано за ноември, во огранокот на аукциската куќа „Сотби’с“ во Женева, Швајцарија.
Познатиот ѓердан претходно „оди“ на светска изложбена турнеја во Лондон, па Хонг Конг, Кина; Њујорк, САД; Сингапур; Тајпеј, Тајван, Кина; и Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.
Историјатот говори дека овој ѓердан содржи дијаманти од познатата „Афера со ѓерданот“, кога Марија Антоанета била лажно обвинета дека не му платила на занаетчијата за накитот… Парите, всушност, ги зел измамник кој лажно се претставил како курир.
Коријал се надева дека ѓерданот ќе го купи институција или поединец кој ќе умее да ја цени историската вредност на овој накит и неговото потекло.
– Би сакал ѓерданот да влезе во безбедна и богата приватна колекција на некој кој ќе ја вреднува оваа скапоценост и ќе ја зачува за следните поколенија, додаде стручњакот.
Тој, исто така, забележува дека ваквите парчиња накит не се носат на свечености. Сопственикот треба да стане само чувар на бесценетиот предмет и да го пренесе или на следното поколение, да можат и луѓето после нас да уживаат во неговата убавина.