Јапонската мултинационална компанија „Сони“ (Sony) официјално го претстави „Експерија 10 VII“ (Xperia 10 VII) – најновиот паметен телефон од брендот.
Паметниот уред доаѓа со редизајниран модул на задна камера и голем број подобрувања во споредба со неговиот претходник. Сега, имено, задните камери се распоредени хоризонтално – што потсетува на „Пиксел“ (Pixel). Тука е и главниот „Сони Ексмор РС“ сензор од 50 мегапиксели и ултраширок агол од 13 МП, додека предната камера од 8 МП ќе служи за самосликови. Натаму, ОЛЕД-дисплејот од 6,1 инч, со „Фул ХД+“ резолуција и брзина на освежување од 120 херци, е заштитен со стакло „Горила глас виктус 2“ (Gorilla Glass Victus 2).
Телефонот се напојува со процесор „Снепдрагон 6 – ген 3“ (Snapdragon 6 Gen 3), поврзан со 128 ГБ внатрешна меморија и 8 ГБ РАМ-меморија. Внатрешната меморија може да се прошири до два терабајти.
Батеријата има капацитет од 5.000 мАх, а оперативниот систем „Андроид 15“ се очекува да добие четири години гарантирани ажурирања и шестгодишни безбедносни ажурирања.
Корисниците, исто така, ги добиваат услугите „Сркл ту срч“ (Circle to Search) и „Гугл џемини“ (Google Gemini). Телефонот има и двојни предни звучници, 3,5-милиметарски приклучок за слушалки, наменско копче за бленда на камерата и „ИП65/68“ сертификат за отпорност на вода и прашина. Уредот е дебел 8,3 мм и тежи 168 грама.
„Сони експерија 10 VII“ е достапен во бела, тиркизна и црна боја. Според наводите, цената е 449 евра.