YouTube ги менува своите строги правила – дозволени се пцовки и во првите 7 секунди, без тоа да се одрази на заработката од видеото.
Од денеска, YouTube официјално ги олесни правилата за пцуење во видеата, и токму таму беше најризично, на самиот почеток. Ако сега имате пцовка во воведот, повеќе нема да ја изгубите монетизацијата.
По бројните поплаки од креаторите, платформата одлучи дека пцуење во првите 7 секунди повеќе не значи автоматско исклучување на рекламите. Накратко – пцовките веќе не се погубни за заработката.
Во старата верзија на правилата (од ноември 2022 година), YouTube строго ја казнуваше употребата на тешки, па дури и умерени вулгарности ако се појавуваа во првите 8–15 секунди од видеото. Тоа значеше: видео без реклами, дури и ако содржината е одлична.
Сега правилата се пофлексибилни. Според изјавите од тимот на YouTube, новата политика подобро ги одразува очекувањата на огласувачите, кои денес имаат повеќе алатки за да изберат со каква содржина сакаат да се рекламираат.
Исто така, умереното пцуење повеќе не е проблем, освен ако не се повторува прекумерно.
Според Конор Кавана, раководител на политиката за монетизација на YouTube, промената се случила затоа што очекувањата на огласувачите еволуирале – тие сега можат попрецизно да ја таргетираат содржината според нивото на вулгарности. Сè уште важи дека пцуењето во насловите и thumbnails, како и високото ниво на „тешко пцуење“ низ целото видео, може да доведе до намалена монетизација.
Многу популарни креатори на YouTube, како што се ProZD и RTGame, веќе се огласија на мрежите – и не го криеја својот ентузијазам.
ProZD кратко рече: „Арно ви текна, ебате“.
Додека други, како LS Mark, потсетија дека промените од минатата година влијаеле и на нивните стари видеа, кои беа ретроактивно демонетизирани од ботовите на YouTube, пишува The Verge.
Сега, YouTube ќе ги преиспита некои од тие клипови и повторно ќе ги монетизира доколку ги исполнуваат новите правила.
Што треба да знаете како креатор?
Ако снимате за YouTube, еве еден краток водич:
Можете да пцуете (умерено) уште во воведот.
Избегнувајте вулгарности во насловот и thumbnails.
Не претерувајте – алгоритмот препознава количина и контекст.
Новите правила важат од 30 јули 2025 година и се однесуваат на нови и стари видеа. Ова е добар момент да ја погледнете архивата и да проверите дали некои од вашите видеа можеби ја изгубиле монетизацијата по грешка. YouTube очигледно се обидува да балансира помеѓу слободата на изразување на креаторот и барањата на огласувачот. Ова е чекор кон пореален систем, каде што еден „вулгарен збор“ на почетокот повеќе нема да ве чини целата снимка. Сега кога знаете дека можете да пцуете без последици (во рамките на ограничувањата), продолжете, но со памет.