Човек од Норвешка поднел жалба против компанијата што го произведува ChatGPT, откако четбот со вештачка интелигенција му кажал дека ги убил своите два сина и поради тоа бил затворен на 21 година.
Ова е најновиот пример на таканаречени „халуцинации“, каде системите за вештачка интелигенција (ВИ) фабрикуваат информации и ги прикажуваат како факти.
Арве Хјалмар Холмен вели дека оваа халуцинација е многу штетна за него и затоа бара парична казна од Норвешката управа за заштита на податоци против компанијата Open AI, производителот на ChatGPT.
-Некои луѓе мислат дека нема чад без оган – тоа што некој може да го прочита ова тврдење и да верува дека е вистина е она што најмногу ме плаши, вели Холмен.
БиБиСи контактираше со OpenAI за коментар.
Холмен добил лажни информации за себе од ChatGPT откако прашал: „Кој е Арве Хјалмар Холмен?
„Арве Хјалмар Холмен е Норвежанец кој привлече внимание поради трагичен настан.
„Тој беше татко на две млади момчиња, на возраст од седум и 10 години, кои беа пронајдени мртви во езеро во близина на нивниот дом во Трондхајм, Норвешка, во декември 2020 година“, беше одговорот.
Холмен вели дека четботот приближно правилно ја сфатил нивната разлика во години, што укажува дека има некои податоци за нив.
Групата за дигитални права Нојб, која ја поднесе жалбата во негово име, вели дека одговорот што му го дал ChatGPT е клевета и ги прекршува европските правила за заштита и точност на личните податоци.
Нојб во жалбата истакнува дека Холмен „никогаш не бил обвинет или осуден за какво било кривично дело и дека е совесен граѓанин“.
На ChatGPT има одрекување кое вели: „ChatGPT може да направи грешки. Ве молиме проверете важни информации“.
Нојб смета дека тоа е недоволно.
„Не можете само да ширите лажни информации и на крајот да додадете мало оградување дека сè што кажавте можеби едноставно не е точно“, рече адвокатот Јоаким Седерберг од Нојб.