Во голем дел од светот 14 февруари се слави како Ден на вљубените, а за потеклото на овој празник се поврзуваат неколку „теории“ и легенди, а најпозната и најраспространета е онаа за епископ кој бил погубен поради тајно венчавање двојки.
Обичаите на изразување љубов, размена на подароци, споделување заеднички моменти се карактеристиките на празникот со кој денес се слави љубовта. Најраспространета легенда за потеклото на овој празник секако е онаа за Свети Валентин, кој го загуби животот поради „борбата за љубов“.
Епископот Валентин бил убиен во 269 година за тајно венчавање парови, што било против царската забрана. Меѓу христијаните, тој почнал да се почитува како светец во IV век, но дури во 15 век го поврзуваат со празникот на љубовта. Оттогаш луѓето го слават како заштитник на љубовниците.
Постои уште една теорија поврзана со потеклото на самиот празник, а таа е поврзана со Католичката црква. Се тврди дека Католичката црква одлучила празникот Свети Валентин да се одржи на средината на февруари во обид да ја „христијанизира“ паганската прослава на Луперкалија.
Луперкалија бил празник на плодноста посветен на Фаун, римскиот бог на земјоделството, како и на римските основачи Ромул и Рем.
Симбол на Свети Валентин е и античкиот римски бог на љубовта Купидон, кој често е прикажан како држи лак и стрела, бидејќи се верува дека тој што ќе го погоди со својата магична стрела веднаш се вљубува.
Како една од главните карактеристики на прославата на Денот на вљубените е размената на подароци, а со текот на времето чоколадото и црвената боја станаа симбол на овој празник.