Чоколаден колач збогатен со вкус на печени лешници, брзо се подготвува и не бара посебни вештини во кујната. Со неколку состојки за кратко време можете да направите совршен посен колач кој за кратко време ќе исчезне.
Никој нема да се посомнева дека овој колач не содржи јајца, млеко или путер, состојки за кои повеќето веруваат дека мора да бидат составен дел од врвниот деликатес. Посниот колач со лешник и чоколадо целосно ќе ве освои.
Состојки:
400 мл топла вода
13 лажици шеќер
3 лажици џем по избор
5 лажици мелени печени лешници
100 гр посни мелени бисквити
2 лажици какао
4 лажици масло
13 лажици брашно
1 лажица сода бикарбона
Фил:
125 гр посен маргарин
100 гр шеќер во прав
200 гр посни мелени бисквити
100 гр мелени печени лешници
100 гр темно чоколадо
200 мл сок од портокал
Дополнително:
100 гр посно чоколадо
2 лажици масло
Подготовка:
Во сад ставете топла вода и шеќер и измешајте да се раствори шеќерот. Додадете џем, бисквити, какао, масло, мелени лешници и сè убаво измешајте. Потоа додадете брашно и сода бикарбона и убаво измешајте ја смесата, да нема грутчиња.
Смесата истурете ја во тава со димензии 30 х 20 см и печете во рерна загреана на 180 степени околу 20 минути. Кога кората е готова, изладете ја и извадете ја од тавата.
За филот соединете го омекнатиот маргарин со шеќерот во прав, па додадете ги бисквитите, лешниците, растопената чоколада и сокот. Се убаво измешајте и целиот фил нанесете го на изладената кора.
Чоколадото растопете го на пареа или во микробранова печка и прелијте го врз колачот.
Оставете да се излади.