Начинот на кој се подготвува кафето може да има многу поголемо влијание врз здравјето на срцето отколку што вообичаено се мисли. Најновите научни сознанија укажуваат дека главниот виновник за високиот холестерол можеби не се наоѓа во чинијата, туку во шолјата со кафе.
Истражувањата покажуваат дека разликата меѓу филтер-кафето и „турското“ кафе, кое е најзастапено на Балканот, не е само во вкусот, туку и во долгорочните последици по кардиоваскуларниот систем. Еден начин на подготовка може да дејствува заштитно, додека друг тивко го зголемува нивото на лошиот холестерол.
Кафето природно содржи масла наречени дитерпени. Овие супстанции можат да го зголемат нивото на холестерол во крвта, но според научниците, талогот од кафето влијае лошо врз здравјето на луѓето.
Според експертите, филтер-кафето е најдобар избор за лицата кои се грижат за холестеролот. Клучот е во хартиениот филтер кој ги задржува речиси сите масла што го подигнуваат холестеролот. На тој начин, во шолјата остануваат кофеинот, аромата и антиоксидансите, но без штетните материи. Студиите покажуваат дека лицата кои редовно консумираат ваков тип кафе имаат дури и помал ризик од срцеви заболувања во споредба со оние кои воопшто не пијат кафе.
Инстант-кафето исто така се смета за релативно безбедно бидејќи во текот на индустриската преработка се отстрануваат повеќето масла. Еспресото, пак, се наоѓа во „златната средина“. Иако не користи хартиен филтер, количината на сервирање е мала (30-40 мл), па внесот на дитерпени кај здрави лица (две до три шолји дневно) нема значително влијание врз холестеролот.
Традиционалното „турско“ или домашно кафе, кое се подготвува со варење и се сервира со талог, се смета за најпроблематично. Бидејќи нема филтрација, во напитокот преминува голема количина дитерпени – до 30 пати повеќе отколку кај филтер-кафето. На лицата со покачен холестерол им се препорачува да го ограничат внесот на овој тип кафе.
Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) наведува дека за здрави возрасни лица безбедниот внес е до 400 милиграми кофеин дневно. Тоа е еквивалент на приближно пет шолји еспресо или филтер-кафе, односно три шолји силно домашно кафе. За трудници и лица со висок притисок, границата е пониска и изнесува околу 200 милиграми дневно. (МИА)