Божиќната трпеза преполна со мириси и вкусови често значи многу работа во кујна.
Но, постои трик како едно основно тесто може да стане основа за повеќе различни видови печива што ќе ви заштеди време, а воедно ќе ги израдувате семејството и гостите. Еве како можете да го направите тоа.
Основно тесто
За почеток, направете универзално тесто што може да послужи како база:
Состојки:
500 г брашно
25 г квасец
250 мл млако млеко
50 мл масло или растопен путер
1 лажица шеќер
1 лажичка сол
Постапка:
Квасецот растворете го во топлото млеко со една лажица шеќер и оставете 5 – 10 минути да се активира.
Во голем сад ставете брашно и сол, додајте го квасецот и маслото/путерот и замесете мазно тесто. Покријте го тестото и оставете го на топло место околу 1 час да нарасне. Кога ќе го имате основното тесто, можете да го поделите и да подготвите различни видови печива.
1. Кифлички со џем
Постапка:
Тестото развлечете го во правоаголник, премачкајте го со масло и исечете го на триаголници.
Секој триаголник наполнете го со џем по желба (слива, кајсија, боровинка).
Завиткајте ги во кифлички и печете на 180°C околу 15 – 20 минути, додека да добијат златна боја.
2. Ролнички со сирење
За оние што сакаат побогато печиво, додадете сирење и зачини.
Постапка:
Тестото развлечете го и премачкајте го со путер.
Посипете со рендано сирење и суви зачини по вкус (оригано, пиперка, ким).
Завиткајте и исечете на ролнички, па печете 20 минути на 180°C.
3. Погачки со ореви
Постапка:
Тестото поделете го на помали топчиња, притиснете ги да бидат благо сплескани.
Одозгора ставете мелени ореви измешани со малку шеќер и ванила.
Печете 15 – 18 минути, додека да добијат лесна златна кора.
4. Мрсни колачиња со цимет и шеќер
За Божиќ можете да си дозволите и малку „слатки грешки“.
Постапка:
Од остатокот од тестото направете мали топчиња и валкајте ги во мешавина од шеќер и цимет.
Ставете ги на хартија за печење и печете 12 – 15 минути на 180°C.
Послужете ги со чај или кафе како празничен деликатес.
5. Мини пити со сирење или пекмез
Постапка:
Тестото развлечете го со калапи или со чаша направете кругови.
На секој круг ставете фил по желба — сирење, пекмез, афион или ореви.
Преклопете и со виљушка притиснете ги рабовите, па печете 15 – 18 минути на 180°C.