Колумни На здравје!

Власта апелира до власта!

Власта апелира до власта!

Ме воодушевува досетливоста на носителите на високи државни функции, кои од позиција на моќ, апелираат до јавноста со политички пораки околу владеење на правото, правната држава, намалувањето на корупцијата и против непотизмот.

Во голема мерка ова ме потсетува на првите години на нивното владеење, кога толку психички беа со свеста опозициски настроени, што од позиција на власт излегоа на улица и протестираа против загадувањето.

Пази, водиш град, водиш држава, цела власт е твоја, и протестираш на улица! Против кого, побогу? Претпоставувам против Господ, или против микро климата и времето.

Царевиве „апелираат“! Влада над седум години. Претседател пет години. Запоседната судска власт. И Премиерот, Претседателот на држава, вице премиерите, главни ликови од судовите и Судскиот совет, заедно со лопа Влада и Собрание „апелираат“ до јавноста! Ајде бе!?

До кого? До некоја сестра што зела 100 грама кафе? До кого? Наставничката/класната на детето на школо? Сообраќајната полиција? Шалтерските работници? Драги мои, тие се опуштија затоа што ве гледаат вие што правите, и вашите чауши! Ве гледаат на ТВ секој ден какви тендери и постапки терате. Кој се добива и колку наплаќа. Кој се вози бесни коли. Со какви дипломи се станува функционер и раководител. И? По кого ќе удрите? По рајата ли прво?

Изгледа многу сте го слушале со изјавата дека рибата срди од опашката! Толку знае човекот. Рибата смрди од главата! Се почува од горе, надолу. А потоа стравот лозјето го чува! Така одат работите.

На само четири месеци пред избори, што и да кажете е џабе! Сите возови поминаа, а кога е Македонија во прашање, возови и повеќе нема. Ги украдовте и испустивте. Сега е веќе касно. Сега ќе мора да се апси, лежи и конфискува. И ќе мора да нема мои/твои, ваши/наши, сакав/неќев… Доста беше!

И амнестии, намалување на казни, кодошења и сплеткароштво не е решение. Ќе треба секој да си одговара, да си лежи, да си плати и краденото да го врати, а ќе треба Бога ми, и нови затвори! Убави, комфорни, средени по стандарди, и како што гледам, очигледно во времето кое ќе следни, со години полни.

Веќе ништо не е битно што беше изминатите 30 години. Ни знамиња/фљамури, ни јазици, азбуки, ни квоти, ни општини и месни заедници, ни факултети и универзитети, ни болници и школи… ништо!  Ако нема ред, закон, право и правна држава, ако нема фискален ред, ако нема ред во сообраќај, паркирање и хигиена, бучава, држава нема! А факт е, држава НЕМА!

Олабавете со апелирањето! Власт сте! Ако имате барем малку совест, имате уште сто и кусур дена да сработите нешто како структура. Ау, да! Заборавив кого ќе го гласате Премиер за триесет дена. Истиот оној кој без мнозинство го направивте пред 7 години Претседател на Собрание. Човекот кој претходно дезертираше од сопствената армија и удри на територијалниот интегритет на државата. Плус беше и министер за одбрана. Генијално, да!

Парадокси од светски размери! Кога некој ќе ги чита историските факти после 50 или 100 години, ќе се чуди и мисли дека е печатна грешка.

Ова веќе никаде не оди. Одамна веќе не е смешно, а атмосферата во самото општество е одвратна.

Битно „Власта апелира до власта!“. На здравје!

 

Александар Ристевски

To top