Колумни ЉУПЧО ЦВЕТАНОВСКИ

Тачевци како бугарски портпароли

Одвреме-навреме, некој ќе се направи поголем поп од папата. Досадна и излитена фраза, но така е во светот. Во Македонија, пак, секојдневно некој Тачевец се прави поголем Бугарин од Аспарух. А, како доаѓаат изборите, паниката ќе ја мултиплицира оваа грда појава и излив на северни емоции (читај потпикување), па владините блујаници ќе ги гледаме по три пати на час…

Тачевци како бугарски портпароли

Замисли само, Габриел рекла дека уставните измени не биле единствен услов за Македонија во ЕУ?! Непребол. Да, тоа би било„ изненадување“ дури и за опортунистичката банда од Бихаќка, ако тоа претходно не го срочи Радев. А, пред него тоа го „рекна“ Денков. Пред Денков беше Петков, а пред него, пак, Захариева, па Борисов. Итн., итд. и др…

Уште поголем проблем е што оваа бугарска политикантска болумента „ја откри Америка“. Да, сите ние и без тие да кажат, многу добро знаевме дека со договорот од 2017-та и новата, забегана преговарачка рамка од 2022-та, Бугарија ќе не блокира за милион други работи, дека софискиот аздис нема да престане се’ додека не си ја конципираат и изделкаат македонската нација, јазик и историја според своите желби и вековни „потреби“, се’ до последниот Македонец. Вода која им ја „пуштија“ Заевци, а продолжија со „ветер во едра“ од неговите престолонаследници на узурпираниот македонски владин престол.

Знаеме сите, добро знаат и Бугарите, а најдобро знае Брисел дека под овие услови и со оваа „рамка“ софискиот аздис ќе тера пуштен на „најјако“. Тоа не го знаат само Тачевци. Ќе се запрашате, колку треба некој да биде субмисивен, сервилен и коленичар за да не признае дека без нова преговарачка рамка, ова нема никаков смисол? Дека сме заглавени во евроинтеграциите поради глупоста наречена Француски предлог? Дека Ковачевски се изглупира со неговото прифаќање? Дека ваква идиотштина не постои во Копенхагеншките критериуми, дека ние сме ендемска држава која го јаде овој неевропски стап со децении. Прво Грција, па Бугарија. Прашање е само кога Атина ќе се рабуди? Да де, кога Софија ќе се задоволи. Ако, воопшто, и остане нешто за земање и узурпирање…

И така, поради нивната задача заради која Таче „стана“ и насила го наместија за премиер, а таа се вика Уставни измени и тотално неаргументиран внос на Бугари во Македонски устав, нон-стоп ќе ги гледаме Таче Ќуран, Бифтек Маричиќ, Бугар Османов и Стокиќ-Пендаровски (кој со сиот ум во интервју пред недела дена тврдеше дека Украина нема да почне преговори со ЕУ?!?!) издишаните политичари кои во пакет ќе заминат во историја ламентирајќи дека уставните измени биле, се и ќе останат единствен услов за влез на Македонија во ЕУ.

Па, и да им нацртаат Габриел, Радев и Денков дека нема шанси да влеземе само со уставни измени, Тачевци и натаму ќе се прават дека не чуле, ќе глумат „на Тошо“ и ќе ве убедуваат дека ако не смениме устав ќе дојде потоп, дека по нив следува Арамгедон, дека опозицијата и заблудениот народ носат Апокалипса. Туку, Заев ви е идол, не треба ништо повеќе да се каже за вашата ментална состојба и умствен капацитет, доста е…

И само замислете, сета оваа комуњарско-учковистичка бедна пропаганда се случува во момент кога Брисел со изим и алал на 26 од 27 членки на ЕУ без проблем орно започна преговори со Украина и Молдавија. Две земји,една без дефинирана територија, друга во хаос и во двегодишна војна, кои си влегуваат во ЕУ само затоа што некој така проценил дека треба. Се шегуваме (а ни се плаче од мака) веќе недела и половина дека во ЕУ нема кој да ги однесе Радев и Денков на кафе, како што Шолц го гоштеваше и кафосуваше Орбан додека останатите гласаа за „едногласен“ украински влез во ЕУ. Гревови северни, па нели имавте големи „пријатели“ во Брисел? Реално, кој по ѓаволите и морските вештерки и би другарувал со вакви крими-хохштаплери…

А ние, за разлика од Киев, 18 години се кандидатосуваме, хармонисуваме, сменија свето име на држава за тоа, тутнаа беспричинска двојазичност, продадоа се’ што е државно, не закопаа за век и веков, ама тоа не е доволно за ЕУ? И не, и вака не би се менувале со Украина, ама вие Бриселци се демистифициравте и закопавте, покажавте дека преговорите и критериумите се жива, бедна фарса. Како што беа и за Бугарија, Романија и останата „екипа“ од екс Варшавскиот пакт. Се’ е гола политика и интерес. Ваш,не наш…

И сега? Бадијала и да се потепаме на Балканот ко што вика Рама, нема да бидеме интересни, треба некој друг да не тепа, не дај Боже… А, и кој би направил нешто за вакви коленичарчиња кои оком-скоком извршуваат се’ што ќе им се каже. Чуму некој би се мачел и би ве примал знаејќи дека сте корумпирана вукојебина од која само ќе ги боли главата во фамилија. Кој нормален би си ставал трн во здрава нога со вакви црни балкански бандити и арамии, дувло на тендераши, трговци со марихуана и петоколонаши кои за пари утре ќе свртат не кон Русија, туку кон Марс ако е доходовно?

Ајде, „само“ уште Бугари во устав, па уште јазик, па уште историја, па – оп, револуционерите не биле наши, па ајде и светците да ги дадеме ли? Ало, забега работата, но знаеме дрка најтемно и најстудено е пред зората. Уште само неколку месеци, најтешките, со најсилни притисоци, со амбасадорчиња кои се вклучија во капања,со безобразно кршење виенски конвенции, со посети, кандисувања, пуштање вода, смешни хвалоспеви за Тачевци, медиуми, порталчиња и соц. мрежи ставени на „турбо“ . Бадијала ви е, се’ е веќе видено. Отрпнавме на тие глупоштии.

Царот ви е гол, башка бос и прост. Издржавме толку, уште неколку месеци се смешка. И не плашете не’ со некаво си уназадување и други глупоштии. Велат, ние и кога би се вратиле 30 години назад, би биле 50 години напред. Ја утнавте, најмногу што на некој толку евтин толку многу му ја дигнавте цената.
Шега или не, но едно е сигурно. Еден ден кога Европската унија ќе се распадне, во неа ќе остане само Македонија. Нема да ги исполнува условите за излегување…

To top