Во време кога светот станува сè понепредвидлив, а безбедносните и економските предизвици сè почесто ги надминуваат границите на државите, секоја сериозна дипломатска можност за Македонија треба да се гледа како шанса, а не како формалност. Токму затоа, најавата дека делегација на Владата на Република Македонија на 07 април 2026 година ќе одржи сесија на Стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави во Вашингтон е позитивен сигнал што заслужува внимание.
Да бидеме искрени: за една мала држава како нашата, не е мала работа кога најмоќната држава во светот отвора простор за разговор на високо ниво со владина делегација. Тоа значи дека Република Македонија не е невидлива. Напротив, тоа значи дека постои интерес, доверба и препознавање дека државата é и може да биде стабилен и сериозен партнер.
Ова е особено важно во време кога меѓународната сцена е оптоварена со големи конфликти, геополитички тензии и неизвесност. Во такви околности, малите земји не добиваат внимание по автоматизам. Вниманието мора да се заслужи со стабилност, јасна надворешна политика и предвидливост. Самата подготвеност за ваков формат на дијалог упатува на тоа дека Македонија, во очите на американските власти, се перципира како стабилен и сигурен сојузник, што претставува значаен дипломатски капитал за државата.
Секако, граѓаните со право очекуваат ваквите дипломатски чекори да донесат и конкретна корист за државата и за нивното секојдневие. Но, исто така, мора да бидеме свесни дека еден стратешки дијалог сам по себе не го менува животот преку ноќ.Тој нема магично да ги реши економските проблеми и предизвици, нема автоматски да ја зајакне правната држава и нема со една средба да ги надмине слабостите со кои државата и граѓаните се соочуваат со години. Но од друга страна тоа не значи дека ваквите процеси се само обичен дипломатски протокол. Напротив, со стратешкиот дијалог се отвора простор за конкретна соработка и долгорочен бенефит.
Република Македонија од ваков дијалог може да добие многу, доколку му пристапи со јасни цели, конкретни приоритети и реални очекувања, но и со свест за сопствените обврски што произлегуваат од едно вакво стратешко партнерство. Тоа може да значи посилна соработка во областа на одбраната и безбедноста, што е особено важно во време на глобална нестабилност. Може да значи поддршка во сајбер-безбедноста, енергетиката, дигиталната трансформација и институционалното јакнење. Може да значи и поголема доверба кај инвеститорите, подобар пристап до меѓународни можности и посилна позиција на државата во пошироката дипломатска рамка.
И токму тука лежи суштината. Вредноста на ваквите процеси за Македонија нема да се мери според фотографиите, изјавите или дипломатскиот протокол, туку според тоа дали од нив ќе произлезат конкретни резултати и реални придобивки за државата.
Граѓаните немаат потреба од уште една приказна за „големи средби“. Тие имаат потреба од држава што знае што бара, што умее да преговара и што може договореното да го претвори во нешто опипливо: подобра безбедност, посилна енергетска стабилност, повеќе инвестиции и логистика и секако пофункционални институции.
Од таа перспектива, најавениот стратешки дијалог треба да се поздрави. Не како повод за наивна еуфорија, туку како сигнал дека Македонија се движи во правилна насока. Во свет каде што малите држави често се туркани на маргините, секој сериозен канал со клучен глобален партнер претставува предност.
Особено ако се има предвид и поширокиот контекст. Соединетите Американски Држави во моментов се силно ангажирани на повеќе глобални фронтови и кризи. Во такви услови, секое сериозно внимание кон Балканот и кон Македонија има дополнителна тежина. Тоа покажува дека и во време на големи светски турбуленции, нашата држава сепак има место во разговорите што се важни за иднината. Тоа само по себе е позитивен и голем успех.
Но вистинската зрелост е токму во тоа оваа вест да не се претвори во борба за добивање дневнополитички поени, туку во државна одговорност. На Македонија и на нас граѓаните не нѝ требаат големи зборови. Ни требаат јасни цели, конкретни придобивки и капацитет секоја ваква можност да ја претвори во нешто што ќе се почувствува како благодет во повеќе области од секојдневието.
Најздравиот пристап, затоа, е овој момент да се поздрави како добра вест, но и како обврска. Обврска државата да покаже дека знае што сака, што бара и што може да испорача. Ако од Вашингтон делегацијата се врати со јасни договори, отворени можности и конкретни насоки за идната соработка, тогаш ова навистина ќе биде значаен чекор напред за Македонија.
Во време кога светот станува сè понесигурен, малите држави мора внимателно да го градат своето место и своите позиции, затоа што секој сериозен канал со голем и влијателен партнер е вреден. Затоа ова не е момент за самозадоволство, туку за разумна надеж, умерен оптимизам и државна зрелост.
30.03.2026
Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ