Колумни

Стево викан Минусот

Стево викан Минусот

Ден по дебаклот на избори, влегува Стево во кафеана. Седнува и накитен со вечно фалшливата, вештачка насмевка го прашува келнерот: „Што ќе ми препорачате?“ „-Да се иселиш, ама одма!“ со итроманска насмевка под мустаќ како од пушка му му враќа човекот…

Да, да беше од Битола, на Широк сокак сигурно ќе го викаа Минусот. Минусо, Титанико или Лузеро. И не, не поради контото во банка кое по 78-стотното золемување на функционерските платички, сигурно не е занемарливо. Нејсе што вети дека разликата ќе ја дава за сиромашните. Како и за се’ друго, гарант и за ова сменил мислење за саат, најчесто два…

Туку, една изјава дадена синоќа по јасноста на класичниот дебакл, катастрофа и тонч ги заголицка ушите на Македонецот. Стеки, со фацијална експресија на „иде Дунав“ и со употреба на класичната северџганистанска весела математика многу промуќурно срочи: „Почнуваме од нула!“

Така ли!?!?!?

Јок, се’ би било ок за тебе, кога би било така. Арно ама, не е. Не, не почнуваш од нула. Почнуваш од МИНУС 182.000! А тоа, е тоа да ти било мнооооогу полошо од нула.

А, ако се прашува од каде му е минусот, тоа е едноставна, затезна камата за сите злодејанија на кои им аминуваше како најлош претседател во историјата на Македонија. Камата, испорачана од народот и Македонецот на кој буквално му пукна фулмот од постојаните понижувања, од наталожениот срам, од оној напластен гнев, бес и срџба од катадневните пазари со идентитетските одредници, историјата, револуционерите и светците.

Овие минус 182 илјади гласа се само дел до оние 362000 души кои рекоа громогласно НЕ! за политиките на Стевовите ментори Заев и Таче, ќелепури кои веќе 7 години се возат на превртливоста на ДУИ, кои јако го искешираа „коалицискиот“ момент и давањето неприродна оддржливост на северната Мамлиева шклопоција. А, ако ги соберете сите опозициски гласови за кандидатите, бројката е уште поимпозантна и минува многу над половина милион. Јасна порака за власта и за она што следува на 8-ми мај, појасно, здравје…

Ненадоместливиот минус од 182000 гласа кои те прават најгубитнички комуњарски кандидат со најмалку освоени гласови во историја на антимакедонската ти партија се резулат на твојата неконзистентност, на ступидната бугаризација на Делчев, таткото на нацијата. Камата од Кривичниот законик кој го потпиша ко попче за да ги спасиш криминогените ти другарчиња, на потписот за небулозните Бехтел и Енка, за Францускиот договор кој го немаше видено, за да потоа испадне дека лично си го правел, за сите кажани „мојата“, „нашата“, „вашата“ земја, за сите премолчувања на и за Македонија.

А, ова е велат само увертира. Ќе ги преживееме сите ваши пазари со кои како на канта-пазар ќе нудите се’ и сешто под цена за да си ги спасите кожичките и да избегнете одговорност за сторените криминали, апашлуци и арамилаци. Веруваме, дека не спиете мирно. Одамна, ама сега гарант чуството е поконкретно. Ако, така треба, додека вие бевте „будни“ и крадевте ко улави, народот „спиеше“ за да не мисли и да фати усвета од суровата реалност која го опкружуваше. Сега, се разбуди, машала. А, будилникот за најконкретното будење да ти бил наместен за 8-ми мај. Ќе ѕвонел радосно од 7 до 19 часот…

Туку, си спомнувате дека Стево вети и откажување од претседателските привилегии по истекувањето на мандатот, од кабинетот кој му следува и од пензијата. Да се кладиме како ќе заврши и ова ветување?

Знаеме како, исто како што знаеме дека Македонците ја напуштаат Македонија не поради немање пари туку поради немање држава, земја во која најголема инсфраструктурна инвестиција минатите 7 години е ископаниот тунел под затворот во Идризово…

To top