Колумни

Снегот и државата

Кога пред некои 4-5 години французите ни ставија вето за почеток на преговорите со ЕУ, и покрај насилната промена на Устав, име и сите отстапки,во мое гостување кај Јанко Илковски, во Јади бурек, на прашање „Дали ќе не биде ко народ, ко нација?“ јас одговорив: „да! Затоа што господ ги чува будалите!“

Снегот и државата

Од денешна перспектива би рекол: „Не! Господ ги чува будалите, ама вредните и упорните. Мрзите, конформистите и џаболебарите сами не се сакаат, па некој друг да ги сака.“

Некој ќе рече од каде се сево ова? Едноставно, од секојдневието, и од она што секојдневно го гледам. Со кого дишам ист воздух, кој се ме опкружува и како реагира.

Пред година дена падна човек на лизгав под во маркет. Беше со децата и жената. Куп народ, по рафтови, јас дојдов и го кренав. За мене нормално.

Нели, така треба секој!? Така од дома ме учеле. Никој! Само проаѓаа и ладно гледаа. Човекот потоа дојде и ме поздрави, ми се заблагодари и ми рече дека од некаде ме знаел.

Мене ми падна незгодно што во огромен маркет, во огромен мол никој не изреагира.

Секојдневно гледам отсуство на колективно живеење, на емпатија, на грижа. Се сама класична себичност и отуѓеност. Ама ако е јавно за да ги видат, сите ќе донираат 100 денари од мобилен и ќе напишат сто статуси на социјалните мрежи.

Драги мои, не ве прави човек тоа што некој ќе ви го даде како признание, туку она што го правите кога некој не ве гледа, а е наменето неретко за една личност или за самата заедница.

Да не биде оваа моја колумна фалење на себе си, сфатете ја како апел, како своевидна мотивација, ако милувате.

Исчистете си пред влезовите, гаражите, куќите. Фрлете крупна сол. Заметете. После многу снег настапува студ. Сево ова ќе замрзне. Летово имај во семејството несреќа каде дојде до скршеница, опоравувањето беше долг процес, траеше два месеци. Имате жени, деца, родители.

Не можам да сфатам како во зграда со над 200 станови, само јас ко будала чистев снег. После неколку апели, и пишувања во вибер група, се охрабрија неколкумина да помогнат.

Да биде иронијата поголема, прво се нафатија жени. Мажиштата или правеа снешковци и си играа, или мудро молчеа. Некои шетааа кучиња.

Отидов во паркот од спротива. Елките натежнале, и добар дел се искривиле од големата снежна маса. Фатив една по една да ги чистам и тресам. После десетина елки почувствував дека ми мрзнат рацете и сфатв дека е време за дома. Пред да завршам, една повозрасна госпоѓа ме виде што правам и ми вели: „Видов што правите и само ве копирам. Сфатив што ви е поентата!“

Дечки, (сега ви се обраќам вам мажите)! Не е важно колку парите имате, каков бизнис терате, каква кола возите. Не е битно ни дали веѓите ви се исчупани, ни гардеробата од каде ви е! Не е битно ни дали сте купиле диплома за магистратура или уште повисоко звање, ни каде ве именувале. Не е битно ни каде одите на одмор.

Кога коментирате какви се жените, и дека немало жени на место, сфатете едно многу битно нешто. Жените се рефлексија на мажите! Како се поставувате вие, така тие се прилагодуваат. Дајте и куќа, ќе ви направи дом. Испазарете, ќе ви направи ручек. Дајте и љубов, ќе ви даде дете и семејство. Поставете се ко мажи со став и карактер, ќе добиете почит и фамилија.

Чувствувам дека градов ги уништува луѓево, поготово ова „урбаното живеење“. Имаат парно, паркинг, дуќани на 5 метри и маживе станаа поголеми жени, од нивните госпожи. Се жалат немало мајстори, не знаат сијалица да си сменат по дома.

Дечки, вака не бива! За се да е крив управителот, куќниот совет, градоначалникот, професорот, директорот, комшијата. Сите сте станале курнази, нема кој да сработи. Јас чистам снег, еден клинец од кафичот излезе и ми понуди лопата „да не сум се мачел“. Му реков дека не сум амал, дека може да ми се приклучи, тој се насмеа и рече дека океј си било и вака.

Нема да не биде, драги мои. Кој сака нека е власт во државата. Кој сака нека уапсат, и кој сака нека инвестира. Со мрзи и конформисти, напред нема. Државата се гледа секој ден, во маало.

Ако ова е елитно живеење, јас за ваква елита не сум. Не е Карпошов за мене. Се повеќе сум убеден дека посреќен би бил негде на село, со обичен реален народ, кој знае добар ден да ти каже, и да ти се најде и во добро и во зло.

Џабе ломотам, сфаќам. Сега сите „као“ се гадат од Северна, а ем гласаа на референдум, ем кога протестиравме не пцуеја, пошто нели сме ги блокирале улиците.

Македонче, државотворност е голема работа. Државата се луѓето. Со став! Со „топки“. Држава не се прави со кодошлак, со местење, со роварење, со сплетки.

Пријател ми вели, ќе станеш мизантроп. Велам, пробав со филантроп, не оди.

Слабите луѓе создаваат тешки времиња!

Тешките времиња креираат силни луѓе!

Силни луѓе повторно создаваат лесни времиња.

Лесни времиња прават слаби луѓе…

И така во бескрај.

Целото општество е корумпирано, распрдено, размазено, сервилно, безволно.

Се задоволуваат со просечност, импровизација, субвенции, и се јачаат меѓу себе и тешат дека само што не успеале, ама државата не давала поддршка.

Државата сте вие. Погледнете се во огледало, сите.

Нема вака напред другари. Нема!

To top