Кога политичарите носат одлуки со кои длабоко се нарушуваат државните позиции, а потоа носат резолуции за да се „заштитат“ од истите тие одлуки, тогаш не станува збор за државничка зрелост, туку за пост-фестум апсолвирање на сопствениот пропуст и направената штета над граѓаните и државата. Токму таков е случајот со новата резолуција на СДСМ документ што сака да изгледа како државен штит, а всушност претставува политичка исповед дека се пречекорени црвените линии уште пред да бидат испишани.
Зошто сега и зошто вака?
Оваа резолуција не се појавува во момент на преговори, не претставува преговарачки услов, ниту е поставена како уставен или меѓународно обврзувачки акт. Таа доаѓа отпосле поточно откако Македонија ја прифати преговарачката рамка со Бугарија во внатрешната архитектура; откако беа усвоени протоколите кои го воведоа билатералното историско прашање како индиректен дел од европскиот процес; откако се отвори прашањето за уставни измени под надворешен диктат и откако беше прифатен модел во кој блокадата е легализирана како политичка алатка.
Со други зборови, резолуцијата се појавува како задоцнет морален фикс, а не како политички механизам со превентивна сила.
Корекција или камуфлажа?
Ако документот беше искрен обид за корекција, тогаш ќе следеше барем минимална ревизија на веќе прифатените обврски. Наместо тоа, текстот ја потврдува уставната измена како веќе донесена одлука, единствено формално недовршена. Се зборува за “последна пречка“ за ЕУ, но не се остава простор за преиспитување на механиката преку која Бугарија може да ја повторува блокадата.
Најопасниот дел е тоа што резолуцијата не го елиминира ризикот, туку го маскира. Зборува за јазикот како недопирлив, но не нуди никаков заштитен механизам ако некоја држава повторно го услови напредокот. Наместо да спречи дијагноза, таа само пишува декларативна терапија по одамна извршената хирургија. Политичкиот апсурд е во тоа што оваа резолуција се продава како државен штит, а повеќе наликува на дипломатски подарок за Софија, лично потпишана од еден од главните политичките архитекти и учесник во претходните отстапки. Наместо исправка на направената штета, Резолуцијата служи како козметичка легитимација на она што СДСМ и ДУИ веќе го прифатија, со Венко Филипче како ново лице на стариот модел на попустливост.
Парадоксот со „црвените линии“
Во 2021 година, Собранието усвои резолуција за македонските црвени линии по иницијатива на тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ја поддржа и јавно уверуваше дека тие позиции се недопирливи. Но СДСМ тогаш заборави дека претходно, со прифаќањето на Тиранската платформа во 2017 година, таа го отвори патот за идни отстапки. Конечно, со преговарачката рамка од 2022 година и протоколите со Бугарија, тие црвени линии беа фактички избришани. Сега, преку оваа нова резолуција, не се демонстрира нова сила, туку пост-фестум признавање на поразот. Ако некој документ бил сериозен, ниту ќе се прифатеа фусноти, ниту уцени, ниту историски комисии како индиректен дел од процесот. Затоа, денешната резолуција делува како документ за имунитет, а не како декларација за суверенитет.
Ризиците кои остануваат непокриени.
Прво, со поднесената резолуција блокадниот механизам на Бугарија останува жив и правно, и политички; второ, историската комисија продолжува да биде индиректен фактор на условување ловење во матно и под притисок; трето, уставната промена е прифатена однапред, без гаранција дека нема нови барања; четврто, нема автоматски прекин на преговорите доколку се наруши јазикот или идентитетот туку само собраниска процедура за консултација и петто, поселедното документот нема обврзувачка сила за идни влади, ниту меѓународен карактер.
Постфестум политика и постфестум штета
СДСМ и ДУИ немаат право да се претставуваат како бранители на македонскиот идентитет по сите претходно потпишани документи. Оваа резолуција е повеќе политичко алиби отколку државен став. Ако навистина сакаа да постават црвени линии ќе ги поставеа пред преговарачката рамка, не по неа.
Во суштина, ова е резолуција со која се настојува да се зачува одамна поцрвенетиот образ пред јавноста, но не ја чува државата од новиот ризик. А најголемиот проблем не е дали документот е патриотски напишан, туку дали ќе биде патриотски спроведен, особено од истите структури што досега докажано ги газеле сопствените линии кога личниот интерес бил пред националниот и кога надворешниот притисок станувал засилен, несразмерен или условен, а ни малку оправдан и издржан. Еднаш покажана слабост, немарност, несвесност и свесни отстапки на штета на граѓаните и државата, не можат да се избришат со нареден потег или декларативна резолуција.
04.10.2025
Проф. д-р Јове Кекеновски