Колумни ЉУПЧО ЦВЕТАНОВСКИ

Потемкинов град

И кнезот Григориј Александрович Потемкин би се засрамил од глупоштиите, малверзациите и злодејанијата на Таче и Османи. Григориј е „изумителот“ на Потемкиновите села, фасади од даски и манекени кои глумат селани со стада спремни за преместување во следното село. За да покаже пред кралицата колку добро ги менаџира тазе освоените вилаети. Арно ама, Ќурка и Бујар смислија Потемкинов град, не знаејќи дека царот многу одамна е гол. Нејсе, 10:0 за владетелите на и онака имагинарната северна, Потемкинова и „фасадна“, демек држава. Држава во која во пакет имаме и Потемкиново здравство, привид на образовен систем, фасадно судство, уште пофасадно обвинителство, измислена борба со корупција, со имагинарна економија, девастирана направија во која власта глуми дека се грижи за добробитта на народот и државата и катадневно ни копа црни гробови за туѓи, бели дворови…

Потемкинов град

Како да замреш еден скоро милионски град? На ова прашање, за чудо, инстант одговор најде неконвенционалниот талент на најнеспособниот премиер и најфалбаџискиот министер за надворешни работи во историјата на цивилизацијата. Порано, едни како Хитлер ги бомбардирале градовите за да ги уништат, други како Пиколомини ги палеле, трети преку „големата вода“ ги заразувале домородците со чума и сипаници, четврти вршеле терористички напади, а само на двајцата антимакедонски палјачовци им „текнало“ како да умртват еден град со еден, единствен потег. Макар на два дена. Ќе организираат министерска средба на членките на ОБСЕ во Скопје. И точка. Имале и искуство, за шест години скро умртвиле цела држава, та еден град, „мање важно“…

Како и секогаш, никој од нив не ги барал глупостите што ги направиле, средба ко средба на ОБСЕ, ги имало и ќе ги има. Ама тие, за да се направат послушни и исполнителни, за секој случај и за да се покажат пред стопаните го „умреле“ градот на два дена. Ту-ту, јака штикла, два дена Скопје немало да функционира, деца немале да одат во училиште, градски превоз ќе се редуцирал, администарција ќе била на распуст?!?!? Алооо, ќе прашате – дилајли, каде ви е умот? А тие, инфантилно со „цел памет“ ќе ви одговорат дека одговорно и со сите мерки за безбедност организираат средба на министрите на земјите од ОБСЕ?????
Вака сега, пред некој месец во Виена имаше иста таква средба, во седиштето на ОБСЕ. И? Епа, таму функционираше за посета на туристи дури и дворецот каде е сместено истото тоа ОБСЕ. Никој не се потресе, оти тоа е држава. 2010-та бев на НАТО Самит во Лисабон. Со премиери и претседатели на држави, не со министри за надворешни. Никој во градот не ни знаеше дека нешто таму се случува, оти тоа е држава. Бев бо Брисел, седиштето на ЕУ над 30 пати. Совет на ЕУ, ЕК на највисоко ниво, па со кого веќе не и какви самити, дузина средби на ЕПП партијата која ја владее Евопа, ама никој ништо не блокира или затвори. Напати, имаше и протести во исто време по улици, никому ништо, оти тоа е држава. Замисли, дури и кога бевме во Њујорк на Генерално собрание на ООН, сите претседатели или премиери од светот на едно место. А, никој немаше абер дека нешто се случува, моторијада со 10.000 чопери на Тајм Сквер мина, оти тоа е држава. Во едно Триполи на Гадафи (некој месец пред да го убијат), се случуваше средба на лидери на Европа и Африка. Замисли само, дури и таму никој ништо не блокираше. Чаршијата работеше со 50% капацитет. Пустите, на своја рака затвориле. Не сакаа да се бафтаат со туристи…

Да се разбереме. Се работи за ротирачко, редовно претседавање со ОБСЕ, организација која брои „цели“ 57 земји. И Елвис Бајрам да беше министер за надворешни, ќе беше исто ко и Бујар. ОК. Со малку повеќе криптовалути и помалку тендери…

Да се разбереме, трошокот за средбата со неработењето два дена на администарција и школи не е и онака баснословни 5 милиони евра. Гарант, надминавме 10, од старт.

Да се разбереме, овие инфантилни неспособњаковиќи кои функционират по умот на кнез Потемкин се подготвени да сместат и насмејани манекени и манекенки низ Скопје, се’ само за да глумат колку е убаво да се живее во Македонија и колку е се розово.

Да се разбереме, ова е светска лакрдија и преседан, вакво нешто не се случило и нема да се случи никогаш. Ни кај следниот „претседавач“, Малта, најдена затоа што никој веќе не сака да троши грдни пари и да претседава со организација која е на залез. Држава со 500.000 жители, а Валета ќе функционира нормално, да се кладиме? Оти, не се идиоти ко нашиве ултра-неспособни суртуци со IQ33…

Да се разбереме, ајваниве северни прават фасада и глумат пред странците дека овде се’ уште има систем и држава. Демек добро домаќини се и се’ ќе сторат за ОБСЕ, ЕУ, САД и сите останати. ЗА Македонија, не. Може да се распадне, во мигот, само тие да си се добро ухлебени.

Да се разбереме, Скопје два дена ќе биде Потемкинов град, имагинарен град на „способните“ владетели Тачевци, Спасовци, Бујаровци, Грубиевци и останата банда, град каде странците ќе „гледаат“ одлично функционирање на најнеспособната, најсервилна и најсеверна влада на светот. Со потези како замрување на градот,

Тачевци ќе ги сокриваат сите свои слабости.

Да се разбереме. Ние пак ќе се срамиме, тие пак ќе се перчат.

Да се разбереме. Можеби, за промена, ќе ги погодат и знамињата на делегациите.

Да се разбереме, до избори имаат уште цели 6 месеци за уште многу вакви драмолетки и глупоштии, аман.

И, да се разбереме, вакви ќелепури мајка еднаш раѓа. Не само во Македонија. Не регионално. Не во светски рамки. Пошироко…

To top