Колумни

Политичката амнезија и недозволивата реторика на СДСМ

Политичката амнезија и недозволивата реторика на СДСМ

Трагедиите бараат одговорност и сериозност, а не политички етикети и партиски пресметки

Трагедиите што ја потресуваат јавноста треба да бидат момент на тишина, одговорност, сериозна анализа и институционална саморефлексија. Но во македонската политика тие премногу често не стануваат повод за одговорност, туку средство за дневнополитичка пресметка. Реакцијата на СДСМ по трагичниот случај во Карпош е уште еден показател за таквата практика.

Наместо трпеливо да се почекаат фактите и институционалната истрага, СДСМ избра да настапи со најтешката можна реторика, лепејќи политички етикети и обвинувања кон актуелната власт и барајќи оставка од министерот за внатрешни работи. Формулацијата „крвави ви се рацете“ можеби звучи драматично и мобилизирачки за партиската база, но повеќе наликува на политичка хистерија отколку на сериозна и одговорна политичка позиција. Жалосно и неодговорно е трагедијата да се користи како средство за политички притисок.

Особено проблематично е што ваквата реторика доаѓа од партија која со години управуваше со институциите што денес ги обвинува. Ако навистина постоеле системски слабости во справувањето со семејното насилство (а очигледно постоеле) тогаш тие слабости не се создадени преку ноќ. Тие се резултат на долгогодишни институционални и лични пропусти, политики и практики што се граделе низ повеќе влади во минатото.

Токму затоа денешната позиција на СДСМ остава силен впечаток на политичка амнезија. Партијата што до вчера управуваше со институциите и со системот денес настапува како да нема никаква врска со неговите слабости. Наместо самокритичност или барем минимално признавање дека дел од проблемите се граделе со години, јавноста гледа морална поза и обид трагедијата брзо да се претвори во политички аргумент.

Тука неизбежно се наметнува прашањето: каде се изгуби политичката доследност? Или можеби, по сè што гледаме, таа никогаш вистински и не постоела. Наместо сериозна дебата за системските слабости, СДСМ избира реторика што го поедноставува и банализира сложениот институционален проблем, сведувајќи го на дневнополитичка пресметка. А тоа е недозволиво кога станува збор за трагедија и тема која бара сериозност, одговорност и институционална зрелост.

Секако, тоа не значи дека институциите денес не треба да бидат под лупа. Напротив, секој пропуст мора да се утврди, а секој што не постапил согласно законите треба да сноси одговорност. Но вистинската политичка зрелост не се мери по јачината на обвинувањата, туку по способноста да се понудат решенија и да се води сериозна и одговорна дебата за системските слабости.

Кога трагедијата се претвора во политичка сцена за морално надвикување, довербата на граѓаните во политиката дополнително еродира. Наместо натпревар кој ќе изговори потешка парола, Македонија има потреба од сериозна расправа за тоа како институциите навистина треба да ги заштитат жртвите на насилство и како да се утврди објективната одговорност на сите вклучени во вакви и слични трагедии.

Трагедиите не смеат да бидат средство за собирање политички поени, бидејќи тогаш губи целото општество. Република Македонија има потреба од конструктивна и политички зрела опозиција, од институционална и лична одговорност, како и од радикална реформа на системот. Сè друго е само уште една епизода од добро познатата македонска политичка практика. Наместо морално надвикување и нечовечки драматични етикетирања, потребни ни се сериозност, самокритичност и одговорност од сите. Во спротивно, секоја следна трагедија повторно ќе стане повод за политички пресметки, наместо поттик конечно да се поправи системот што треба да ги штити граѓаните.

P.S. Целта на оваа колумна не е политичка пресметка туку лично укажување на недоследностите и опасноста, како и на политичката некоректност и моралната проблематичност трагедиите да се претвораат во средство за дневна политика и обиди за лични етикетирања.

08.03.2026
Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

To top