Колумни ЉУПЧО ЦВЕТАНОВСКИ

Пишман Таче или врзи го коњот каде Али ќе ти каже

Во стилот на „Доктор Џекил и господин Хајд“ или поверојатно во манир на „конзистентноста“ на Стево претседателот, Таче премиерот замина на избори. Заеднички избори. Ликот кој до вчера беше „дециден“ дека јавното изјаснување за претседател и парламент нема шанси да биде заедно, туку одделно и во редовните термини, сега така неднаш и „ничим изазваним“ смени лента за два дена. Зошто? Не е битно, причината не е кај него затоа што тој и онака за ништо не се прашува. Дрвена марионета од првиот, до последниот ден…

Пишман Таче или врзи го коњот каде Али ќе ти каже

Од прикаската за едните во март, а другите во јуни, сега двата ќе биле заедно во мај, соопшти промуќурно лидерот на СДССС. На што се должеше оваа инстант-трансформација? Сфати ли никогаш избраниот премиер дека нема поента во џабе трошење на 8 до 10 милиони евра за одделни циклуси, пари кои и онака Македонија ги нема? Му светна ли дека така два-три месеци ќе трпи државата забрефтана и загубена во кампања? Му текна ли на Таче дека со два посебни избори може да предизвика уставна криза? Или се сети ајванот дека во тој случај гарант нема да има цензус за прецедник во вториот круг?

Не, ништо од тоа.

Да не се лажеме, Таче и бандата околу него немаат ни трошка доблест за да сфатат такви работи и тие логични причини да бидат основата за брзата промена на „цврстиот“ став дека „не може да има заеднички избори“. Нит го боли за народни пари, нити му чуе за заглавената во избори Македонија, а уште помалку за спречување уставна криза или недостиг на цензус. Не очекувајте витешки манири кај питачката и најнеспособна гарнитура во историјата на државата. Интересџиите функционираат поинаку, а Таче како подизведувач на Алија работи на „копче“.

Вистината е дека така му рекле, а тој пустиот не смее да одбие. Би му било сефте ако го направи тоа. Коленичарската прикаска ја гледаме две години, така ќе биде се’ до 8-ми мај. Таче најдобро егзистира и функционира по нотите на максимата “врзи го коњот каде газдата ќе ти каже“, а веројатно кај него гласи „вежи коња где ти газда каже“, оти видовме какви песни певуцка ќелепурот , на што се пали и каков „лом“ сака да чини. Слика и прилика на менторот му Заев кој паѓаше во несвест со и на Цеца. Оти, круша под круша, а во СДССС престолонаследник под монарх паѓа…

„Газдата“ во оваа причинско-последична антимакедонска бурлеска е Али, кој си самозамислил да ти бил господар на Македонија. А тоа чувство на големо му го овозможил трајно неспособниот (со тапија и параф) Таче наречен Ќурка алијас Црпко Втори. Мотивите за желбата на Ахмети штотуку ќе ги дознаеме, тендери ли се во прашање, некој пак ли е фатен со смкнати гаќи или со рацете во медот, купува ли некој мир и време за последни очајнички потези, каква антимакедонска стартегија е во прашање. Нешто арно за Македонецот, сигурно не е. Но како и да е и каде и да е, ќе ги дознаеме причините за потегот на седокосиот „командант“. Таче не е битен, тој мора да слуша. Тоа му е и описот на работното место…

Еден ден пред него согласноста за заеднички избори ја пренесе телалот на Али, Бујар Османи. Доволно. Пораката беше испратена. Тонч за Таче…

Можеби, пак, по неслучајниот предизборен катиљ-ферман со најкатастрофалниот Извештај во историјата од Брисел,се свестиле и до Вашингтон, та сите од „меџународна“ сфатиле дека со овие корумпирани неработници, неспособњаковиќи, бељаџии и арамии нема разбирачка, колку и да се послушни и сервилни. Нејсе и што ги исполажаа дека можеле да внесат Бугари во Устав…

Како и да е, времето си врви, а изборите, сакал некој или не, се се’ поконкретни. Избори за нечие враќање во реалноста. Изјаснување за конечен прекин на 7-годишната агонија, за крај на сите понижувања и омаловажувања на Македонецот, за одишка на наталожениот гнев и бес, чин кој треба да го стартува ремонтот и враќањето кон вистинските, изгубени и напудени вредности. Сенароден одговор за бришење на нечија насмевка и чувство од фацулето дека господари со некого.
Чувство кое ќе го снема на 8-ми мај, за да 9-ти мај биде вистински ден на победа.

За Македонија…

To top