Колумни колумна

Паралелните структури и големата игра: Македонија на крстопатот

Паралелните структури и големата игра: Македонија на крстопатот

Во последниве години, Македонија се соочува со феномен што не е непознат на Балканот: законски воспоставена индустрија која, во практика, се користи и за цели надвор од регулативата. Легалната рамка за медицински канабис, со лиценцирани компании, комисии и инспекции, на хартија изгледа како пример на современ, регулиран пазар. Но кога се појавуваат случаи како државата запленува повеќе од 40 тони марихуана, поврзана со фирми со легална лиценца, прашањето не е само криминално. Прашањето е институционално, политичко и системско: дали контролата досега ја држела државата или паралелните структури ја користеле системската фасада на контрола за свои цели?

Формално, нашата држава воспостави законска рамка за медицински канабис. Лиценци, комисии, подзаконски акти, инспекции. Сè изгледаше легално и институционално. Но кога повторно и повторно се појавуваат случаи во кои легални субјекти се поврзуваат со нелегални канали, прашањето повеќе не е дали некој ја злоупотребил регулативата. Прашањето е дали регулативата од самиот почеток функционирала паралелно со нешто друго, за некоја друга цел и за одредни лични интереси.

Во држави со кревки институции, често постои невидлив слој на моќ, паралелни структури кои не се запишани во Уставот, но влијаат врз одлуките. Тие не носат формални решенија, но одлучуваат кој ќе добие дозвола, кој ќе биде заштитен и кој ќе биде жртвуван кога ќе дојде моментот. Таквите структури не мора да бидат централизирана „конспирација“. Доволно е да постои мрежа на интереси политички, бизнис и безбедносни кои функционираат синхронизирано. Надворешно, системот работи. Внатрешно, профитот се концентрира.

Кога огромни количини марихуана ја минуваат граници, кога сопственички и косопственички структури се поврзуваат со политички центри на моќ во соседни држави, кога меѓународни фактори се споменуваат во истрагите тогаш веќе не зборуваме за случајност. Зборуваме за паралелен механизам кој постои покрај институциите, а понекогаш и над нив. Разликата меѓу класичен криминал и паралелна структура е суштинска. Криминалот се крие од системот. Паралелната структура живее во сенка на системот користејќи ја неговата легалност како покритие. Ако ова е точната дијагноза, тогаш проблемот не е само во поединци или партии. Проблемот е во моделот што функционирал подолго време, како држава во држава.

Историја на паралелните структури

Тие паралелни механизми не се создадени од една власт. Сознанијата покажуваат дека тие функционираат подолго време, можеби уште од минатата и предминатата власт, а делумно се адаптирале и под сегашната. Тоа не се организации со формален статус, ниту се регистрирани како легални тела. Тие се невидливи за јавноста, но многу видливи за оние кои ја познаваат логиката на моќта на ,,невидливите сенки’’ во државата.

Основата на овие структури е проста: поврзување на економски интереси, политички позиции и безбедносни канали. Доволно е неколку поединци со правилни контакти да ја контролираат распределбата на лиценци, инспекциските контроли и распределбата на ресурсите. Надворешно, системот функционира нормално, но внатре, профитот и влијанието се концентрирани во тесен круг. Сето ова покажува дека Македонија се наоѓа на крстопат. Паралелните структури, со својот континуитет и невидлива моќ, со години ја обликуваат реалноста повеќе од формалните закони и комисиски одлуки.

Свесните и наменските измени и дополнувања на законската регулатива за медицински канабис, донесени пред неколку години за време на минатата власт, ширум ја отварија вратата за зајакнување на бизнисот на паралелните структури. Наместо да ја контролираат индустријата, одредени законски решенија овозможиле концентрирање на лиценци, одгледување на насади на отворено, распределба на ресурси и профит во тесен круг. Така, легалниот пазар не само што станал фасада за формална контрола, туку и механизам преку кој паралелните мрежи го продлабочиле своето влијание и моќ.

Патот напред

Патот напред е јасен: потребна е транспарентност, финансиска контрола, ревизија на сите лиценцирани субјекти и јасни механизми за одговорност и конфискација на нелегално заработеното. Апсењата, заплените и контролата на лиценцираните фабрики не треба да бидат изолирани настани или акции од случај до случај. Тие мора да се дел од сложена игра која ја мери способноста на државата да го врати редот и да го пресече долгогодишниот систем на паралелни интереси. Само кога оваа динамика ќе се разбере и системски ќе се пресече, легалната индустрија може да почне да функционира како што е замислено, а јавноста да има доверба дека институциите контролираат, а не само симболично покриваат.

Проблемот не е во поединци, туку во моделот. Ако се елиминира паралелната структура, тогаш легалната индустрија може да стане вистински пример за контролирано производство и развој, а не фасада за профит и политичка моќ. Вистинската борба не е со поединци, таа е со системот кој ги надживува изборите и партиските интереси. Сè друго е само дневна политика. Само кога целата голема игра ќе биде видлива и системски пресечена, државата ќе покаже дека институциите не се фасада, туку механизам кој ја штити јавноста и иднината на земјата.

 

Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

To top